На летната сцена „Лепеза“ во стариот дел на Градскиот парк Скопје, денеска ќе се одржи првото издание на фестивалот за миленици „Пет фест Скопје“, со 12-часовна програма исполнета со забавни и едукативни содржини за деца и возрасни, како и за нивните миленици.
Фестивалот започнува во 12 часот а свое воведно обраќање на настанот ќе има доктор Димче Велковски од Ветеринарен Центар, за да потоа МВР единица за службени кучиња К9 одржи показни вежби. Потоа следуваат модерни танци за деца, танцување со маскоти кучиња Груминг академија Скопје, претставување на егзотични инсекти и птици грабливки, Македонско еколошко друштво со документарен филм за дивиот свет, спасувачки приказни од Скопје ЗОО, едукација за стерилизација и кастрација на мачки, сведоштва од семејства за вдомени миленици, детско катче со Бибиверзум и многу други забавно-едукативни содржини кои завршуваат со кино проекција на македонскиот филм „Стела“ и Дј Соња Исмаил.
На фестивалот ќе има и подароци за крзнените другарчиња од нашите поддржувачи, како и бесплатен груминг, совети и едукација за сите сопственици и потенцијални сопственици на миленик. Влезот е бесплатен за сите посетители, а целта на „Скопје Пет Фест“ е да се подигне јавната свест за чување на миленик, љубовта кон животните и одговорното сопствеништво.