Проблемот на Република Северна Македонија не е со Бугарија, туку да ја почитува преговарачката рамка прифатена како заклучок на Европскиот совет од сите земји членки, ова денеска пред бугарските новинари го изјавил шефот на бугарската држава, Румен Радев по скандалот со неистакнувањето на македонското знаме пред неговата средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Радев рече дека со неа имале многу искрен и конструктивен разговор и покрај тоа што средбата имаа сосема неформален карактер.
-И очекувам оваа искажана желба за отвореност, за конструктивизам да ја преземе владата на Република Северна Македонија. Но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна ниту работна посета. И се надевам дека во блиска иднина Претседателката на РСМ ќе оствари државна посета, која заедно со сите официјални церемонии според протокол ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи, прецизираше бугарскиот претседател.