Радев се заканува со вето; Kовачевски: Ние со Бугарија не преговараме, туку со Брисел

Македонија не преговара со Бугарија за влез во ЕУ, туку со Брисел, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски, коментирајќи ја заканата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Бугарија ќе го бетонира ветото за Македонија се додека земјава не ги внесе Бугарите во Уставот.

Ковачевски вели дека по досегашниот тек на скринингот, Македонија во еден од патоказите ќе потврди дека правата на малцинствата во земјава се на многу повисоко ниво од многу земји членки на ЕУ.

– Имаме и закони за остварување на правата на помалите заедници. Имаме и министерство за овие прашања. Затоа, сметам дека барањето на кој било политичар не претставува никаков проблем бидејќи правата што ги имаат сите поединци и групи се на повисоко ниво од многу земји членки на ЕУ. Бугарија не би ја коментирал затоа што се наоѓа во избори и оттаму се даваат најразлични изјави заради политички поени. Нека им завршат изборите па ќе разговараме. Но, ние со Бугарија не преговараме, туку со Брисел, изјави Ковачевски.

Претходно бугарскиот претседател Румен Радев се закани дека Бугарија ќе го бетонира ветото кон Македонија.

– Во моментов сме во состојба на вето. Со решението што успеавме со голем труд да го вметнеме во преговарачката рамка, преговорите ќе започнат дури откако Бугарите ќе влезат во уставот на нашиот сосед. Тие се уште не се впишани и преговорите не се започнати. Тоа е состојба на вето, рече Радев.

Претходна вестОпомена пред Владата: Жалосно е во 21 век да се умира од болест за која има лек
Следна вестКовачевски до министерот Сали: Да размисли дали може да го продолжи мандатот, можевме да направиме повеќе за Благојче