Ненад Димитријевиќ е во извонреден ритам и форма и тоа го потврди и на дербито со ЦСКА Москва каде беше клучен играч во победата на Уникс Казањ од 84:78.
Плејмејкерот го одигра најдобриот меч во ВТБ лигата, реализираше 38 поени од кои 21 беа во последната четвртина кога се решаваше натпреварот. Македонскиот репрезентативец имаше само едно промашување од игра (за три поени) што доволно говори за неговото издание кое го поздрави Емил Рајковиќ кој како што е познато ги води „армејците“ од Москва.
-Честитки до Уникс и особено Димитриевиќ кој беше незапирлив. Се обидувме со различни типови на одбрана, различно браневме пик-ен-рол, се обидувавме да го удвоиме, но секој пат брзо наоѓаше продолжение на нападот и играше ефективно еден на еден.
-Имавме моменти кога имавме водство и го контролиравме натпреварот. Меѓутоа во клучните моменти Уникс и особено Димитриевиќ играа подобро. Мора да најдеме начин да дејствуваме поцврсто и поконцентрирано. Покрај тоа, постојано пропуштаме можности за лесни шутеви што скапо не чини, -порача Рајковиќ.