Рамазан Бајрам – 10 април е неработен ден за сите граѓани

Рамазан Бајрам – 10 април (среда) е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството, на граѓаните од муслиманска вероисповед во Република Северна Македонија им го честитаат празникот Рамазан Бајрам.

Рамазан е најсветиот месец во исламот и кој го означува почеток на објавата на Куранот во 610 година. Празникот Рамазан Бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување. Празникот се слави три дена

Овој ден муслиманските верници го започнуваат со молитва во џамија. Потоа, обичајот е да одат на гробишта за да ги посетат гробовите на предците и на блиските. Кога сето семејство ќе се собере дома, почнува меѓусебното честитање на Бајрамот. Обичајот е празникот прво им се честита на најстарите, а потоа на другите. По честитањето во кругот на семејството се оди на честитање на постарите роднини и пријатели ако живеат во истиот град или село.

Во текот на Рамазанскиот пост муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитер, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината.

Претходна вестРаботнички од Непал кои работеле во фирма во Прилеп не се вратиле во куќата во којашто престојувале
Следна вестМилошоски: Османи криел документ дека 25 членки на ЕУ дозволиле влез со стар македонски пасош