Случајот со најавеното разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски влегува во фаза на давање на објаснувања од двете страни: кажано му беше – не ми беше кажано… Имено, од Владата попладнево објавија дека директорот месецов добил три укажувања за неговото непостапување во случајот со преземањето на рамковно вработените од Министерството за политички систем и за односи меѓу заедниците.
На твитер-профилот на портпаролот на Владата се наведени датумите кога биле испратени дописите до ДПИ од две министерства.
-Пауновски е детално информиран за неговото непостапување – ДПИ доби дописи на 5, 10 и 21 април од министерствата за политички систем и за информатичко општество и администрација. Имаше и повеќе усни укажувања. Во меѓувреме не побарал средба, не разговарал и не предложил начин на решавање на евентуалните предизвици, се наведува во објавата.
Ова соопштение од Владата следи по изјавата на Пауновски дека не добил никакво укажување од Владата во врска со неговата постапка.
И така, сега се игра играта „расипан телефон“ и наместо да се види дали навистина треба да се трупаат нови вработувања во Инспекторатот па згора и со несооодветно образование, сега ќе се утврдува кој кому што кажал и кој слушнал што другиот кажал.
А се почна со тоа кога Пауновски одби да вработи 35 рамковни административци, со образложение дека тие не исполнуваат услови согласно систематизацијата, на што по извесно време Премиерот Зоран Заев кажа дека очекува да се разреши Пауновски, бидејќи смета дека има основ за тоа.