Разбиена група која прокријумчарила 150 мигранти, наплатувале до 700 евра по лице

Четири лица се лишени од слобода, едно лице е недостапно за органите на прогонот, а едно лице веќе се наоѓа на издржување на мерка притвор, е резултат на акцијата која ја спровела полицијата со цел откривање на шестчлената криминална група која се занимавала со кријумчарење на мигранти. Акцијата под кодно име „Реприза“ е спроведувана цели десет месеци за да се откријат лицата кои подолго време ги шверцувале мигранти кои остваруваат нелегален влез преку грчко-македонската граница.

Со акцијата раководел јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во соработка со Одделот за специјални и посебни операции, а учствувале и СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток.

-Организаторите на криминалната група се двајца браќа кои со умисла и од користољубие заедно со засега непознати лица од Кумановско-липковскиот регион и од Грција, организирале криминална група во РС Македонија. Во временскиот период од декември 2019 година до денес, осомничените организирале криумчарење на околу 150 мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, за паричен надомест од 500 до 700 евра по лице, при што се стекнале со значителна противправна имотна корист, се наведува во соопштението.

Осомничените по претходно договорен начин на комуникација и во договор со лица организатори од Р.Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Дојран ги пренесувале мигрантите преку грчко-македонската граница. Потоа со помош на водичи т.н. „качаци“, ги носеле до претходно утврдени и договорени локации, од каде илегалните мигранти биле прифатени од страна на членовите на групата и со моторни возила биле превезувани до договорени локации во Кумановско-Липковскиот регион. Оттаму, во организација на лице кое нелегално престојува во Кумановско – липковскиот регион, мигрантите биле времено сместувани и засолнувани во објекти на членови, соработници и помагачи на криминалната група, а потоа криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ.

-Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица на возраст од 21 до 28 години. Двајцата браќа како организатори на групата се осомничени дека сториле кривично дело – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти по член 418-в став 1 и кривично дело Криумчарење на мигранти по член 418-б став 3 вв став 2 и став 4 од Кривичниот законик, додека останатите четири лица се осомничени дека како припадници на групата криумчареле мигранти, се наведува во информацијата.

Претходна вестПо пет кражби полицијата фати двајца крадци, еден е 17-годишник
Следна вестПритвор за 22-годишник кој насилно ограбил три жени во центарот на Скопје