Во куќите и викендичките во двор не можеш ништо да оставиш оти на следно доаѓање ќе го нема. Ништо не е безбедно, а полицијата не ги открива сторителите. Во 90 проценти од случаите, според нив, крадецот е наркоман и го продал пленот, така да нема што да ти врати, ни вели тетовчанецот Станислав Јојкиќ
Во Македонија многу се краде. Со ова ќе се сложи секој, но има разлика во убеденоста кај граѓаните кој повеќе краде – разните функционери или повеќе „пепел“ прават некостумисаните разбојници?
Овој пат темата се „обичните“ крадци. Непознати и маскирани крадци најчесто упаѓаат во куќи, а потоа и во станови и во викендички. Се крадат и автомобили, велосипеди, златен накит од жените на улица… Вакви примери има на стотици секој месец и по сите градови во земјава. Само во првите седум месеци од годинава на подрачјето на Македонија биле забележани вкупно 6.630 кражби и тешки кражби, а во истиот период лани 6.048 кривични дела од овој вид. Значи, секој месец по околу 550 кражби. Навистина многу кога на сето тоа ќе се додаде дека проценетата вредност на направената материјална штета изнесувала околу 7,8 милиони евра. Мерки на кривичен прогон се преземени против 2.499 сторители. Дали е тоа доволно? Дали полицијата успева поголемиот дел од кражбите да ги расветли?
Од МВР во јули се пофалија дека има тренд на намалување на кражбите во споредба со изминативе години, но тоа граѓаните како да не го чувствуваат. На социјални мрежи секојдневно се споделуваат информации за украднеи точаци, мотори, обиени станови… Една скопјанка деновиве се пожали дека во последниве пет месеци викендичката и е обиена трипати. На ФБ-групата „Украдени точаци“ оштетени граѓани објавуваат и видео-снимки на крадците на велосипедите.
-Претрпев две кражби во фирмата и дома, за кражби на делови од автомобил и да не зборувам. Пречести се кражбите, а полицијата не е ефикасна и често е замешена во криминалот. Пред десетина дена баба ми и жена ми ги нападнаа пред домот и ја украдоа ташната. Не се чуствувам сигурен ниту јас, но ќе се бранам, ни потенцира велешанецот Златко Велковски.
И Ивица Атанасовски од Скопје се чувствува несигурно.
-Има премногу кражби и разбојништва, народот е постојано оштетен и небезбеден. Полицијата работи, но не е ефективна. Од 100 украдени велосипеди еден се наоѓа. Лично сум несигурен за мојот имот дека нема да биде ограбен иако немам вредни работи внатре, потенцира тој.
Проценки се дека од становите на скопјани годишно се крадат различни предмети во вредност од 7-8 милиони евра. Искуствата на граѓаните кои во полициските станици пријавувале кражби покажуваат дека тие најчесто добивале одговори „крадците тешко дека ќе бидат откриени“ или пак „немајте гајле сега веќе нема кај вас да крадат“.
– Често пати сум била оштетена ама никогаш не сум го добила назад материјалното кое на сила ми беше одземено. Сторителите се врзани со полицијата. Сега, ништо ама баш ништо вредно не чувам дома, ни рече скопјанката Тања Тасевска.
Она што е парадокс е фактот дека Министерството за внатрешни работи е орган кој има многу вработени – лани имаше 11.881 вработен од кои дури околу 8.000 се униформирани лица. Што работат тие лица? Дали можеби не е до нив туку до тие што командуваат со нив? Прашања кои треба да се расчистат, Македонија мора да биде побезбедна.
За 30 секунди ми ги украдоа патиките
-Од Тетово сум, бев на гости во Скопје во Центар и за 30 секунди откако ги оставив патиките пред влезната врата ми ги украдоа. Во куќите и викендичките во двор не можеш ништо да оставиш оти на следно доаѓање ќе го нема. Со еден збор ништо не е безбедно, а полицијата не ги открива ефикасно сторителите. Во 90 проценти од случаевите, според нив, крадецот е наркоман и го продал пленот, така да нема што да ти врати, ни вели Станислав Јојкиќ од Тетово.