Разни бројки во парламентот: Стабилизација или компликација со владината реконструкција?

Расправата околу владината реконструкција почна да наликува на турска серија со многу продолжетоци. Пратениците и денеска ќе расправата околу предложената реконструкција. Ќе побрзаат со завршување на оваа работа или ќе „пимплаат“ со денови мислејќи дека се интересни?

Сепак, расправата ќе мора да приврши освен ако пратениците не планираат што повеќе пари да си земат како патни трошоци. Тоа значи дека на крајот ќе се види дали Владата има доволно мнозинство за да и се изгласа реконструкција и да си продолжи со владеење. Ама, околу тоа, работите како да почнуваат да се комплицираат.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека очекува реконструкцијата да биде поддржана од најмалку 64 пратеници. Толкава пратеничка поддршка Владата имаше и пред ова и тргна во реконструкција за да има повеќе пратеници зад себе. Оваа бројка за мнозинство што го споменува Ковачевски до сега беше нестабилно и несигурно при гласање.

Прашањето е колку Владата си ја зајакна поддршката во парламнетот со влегувањето на осуммина пратеници на Алијансата за Албанците во парламентарното мнозинство, кога него го напуштија пратениците на Алтернативата, кога замина Демократски сојуз со Павле Трајанов? А се погласен е и пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити кој вчера излезе со проценка дека дури осум, а веројатно и повеќе, пратеници го напуштаат владиното мнозинство.

Зарем е можно да дојде во прашање и дали воопшто ќе има пратеничко мнозинство од 61 пратеник за да се изгласа реконструкцијата?

Што ќе се случи ќе се види наскоро. Она што е очигледно е дека намерата да се има новоформирано мнозинство кое ќе биде стабилно е ставена под знак прашање. Тоа подразбира дека пак ќе има проблеми со доволен кворум за одржување на седници и за изгласување на законите. А тоа значи прашање е како ќе се терат најавените ЕУ-интеграции, реформи, промени…

-Новото окрупнето парламентарно мнозинство ќе даде стабилност, извесност, активна поддршка на одлуките и реформите важни за продолжувањето по европскиот пат и за остварувањето на полноправното членство во ЕУ и на стратешкото партнерство со САД, како и на реализацијата на Програмата на Владата, најави завчера во своето експозе Ковачевски поднесувајќи го предлогот за кадровските промени во Владата.

Како ќе се обезбедува потребното мнозинство ќе се гледа од резултатите на секое гласање. Што ќе биде тогаш со најавените реформи, најавените промени кои повторно ни се ветуваат за унапредување на владеењето на правото, за борбата против корупцијата? Ќе дојдат ли и и тие на ред или на ред ќе дојде нова реконструкција или можеби предвремени избори?

Претходна вестРоманската православна црква додаде уште еден услов за признавањето на МПЦ-ОА
Следна вестЕлмас може да слави, голема е веројатноста Наполи да биде првак