Романската православна црква додаде уште еден услов за признавањето на МПЦ-ОА

Вселенска партијаршија да издаде конечен томос за автокефалноста на МПЦ-ОА но и да има сеправославен консензус на Црквите околу тоа, став е на Романската православна црква. Ова црква вчера даде дообјаснување на својата неодамнешна одлука со која ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА врз основа на томосот издаден од Српската православна црква но определи и своја варијанта на името со кое ќе ја именува македонската црква.

– По признавањето на првичниот синодален томос издаден на 5 јуни 2022 година од страна на Патријаршијата на Србија со кој се доделува автокефалност на Православната црква во Република Северна Македонија, Светиот Синод на Романската православна црква очекува Вселенската патријаршија да иницира (консултации) и да издаде конечен томос за автокефалност за да изрази сеправославен консензус по прашањето за признавање на автокефалноста, се додава во текстот со којшто се дообјаснува одлуката.

Ваквиот став владиците во патријаршијата во Букурешт го изградиле повикувајќи се на договорањата коишто ги имале Православните цркви околу начинот на признавањето на автокефалноста на новите цркви.

– Ставот на Романската православна црква по однос на автокефалноста, кој исто така беше презентиран и на Средбата на подготвителниот Комитет за Светиот и велик собор во Шамбези (2011), е следниот: „Светиот Синод на мајката Црква е канонскиот авторитет што може да додели автокефалност на ќерка Црква преку синодален томос потпишан од поглаварот на мајката Црква, заедно со сите епископи од тој Свет синод. Правото на признавање на новата автокефалност и припаѓа на целата Православна црква, а се остварува преку томос за признавање на автокефалноста, потпишан без исклучок, од сите поглавари на автокефалните православни цркви по редот на диптисите во рамки на Синаксисот на поглаварите на православните цркви, се наведува во образложението.

Меѓутоа, романските владици не наведуваат дека ваквиот став не е донесен од страна на Сеправославниот собор којшто се одржа на Крит во 2016-та година поради бојкотот на учеството на Руската, Бугарската и две други цркви. Што значи дека потребата да се постигне консензус на сите православни цркви при давањето на автокефалијата не е правно задолжителна. Во таква ситуација Вселенската патријаршија издава томос за нова автокефалност.

Инсистирањето на принципот на консензус од страна на Ромаската православна црква, пак отвора друго прашање: дали тоа значи дека на изјаснувањето на сите 14 Православни Цркви ќе оди намерата на Вселенската патријаршија МПЦ-ОА да ја признае како Охридска Архиепископија? Во таквиот случај, консензус на сите православни цркви би бил тешко веројатен со оглед на тоа што Бугарската православана црква категорично се противи нашата црква да бие носител на името и наследник на Охридската Архиепископија.

Индикативно е и тоа што Романската црква во дообјаснувањето за нашата Црква почнува да да го користи името „Православна црква во Северна Македонија“ иако во синодската одлука наведе дека не признава како „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“. Очигледно, по ова се создаваат нови конфузии и дилеми во процесот на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.

 

Претходна вестНе сакал да се легитимира, со автомобил удрил во полицаец
Следна вестРазни бројки во парламентот: Стабилизација или компликација со владината реконструкција?