Реакциите имаа ефект: Бектеши најавува репреговарање со еден од четирите инвеститори во енергетиката

Власта почна малку да отстапува од првата намера околу закони и договори за енергетиката. Премногу аргументирани укажувања доби од јавноста, особено од македонските експерти. Затоа сега од кај министрите има најава за репреговарање.

-Треба да се репреговара со еден од вкупно четирите стратешки инвеститори во делот на енергетиката, изјави денеска министер за економија Крешник Бектеши. Се работи за инвеститорите за кои согласно Законот за стратешки инвестиции Владата до Собранието достави предлог закони за реализација на стратешките инвестициски проекти, по скратена постапка, кои веќе го поминаа првиот собраниски филтер.

За Бектеши, е спорно да се дава директна државна помош од страна на Владата за профитабилни инвестиции и ако е потребно и формално правно Министерствтоо за економија ќе бара враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почеток.

За потсетување: намерата беше Македонија да даде помош на грчка фирма во износ од 50 милиони евра, а за тоа, како што укажаа македонски експерти државата да не добие ништо.

-Имаме четири стратешки инвестиции кои се пратени од страна на Владата во Собранието. За една од нив мислиме дека треба да се репреговара со потенцијалниот стратешки инвеститор за одредени работи имајќи ги во предвид и мислењата од надлежните институции како што се Државниот правобранител, Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерствата за финансии, за транспорт и врски, за земјоделство, за животна средина, ЕСМ, МЕПСО и други институции кои треба дополнително да го дадат своето мислење. Не би сакал да ја наведам компанијата заради тоа што мислам дека не било фер од моја страна да наведам одредена компанија од прес-конференција, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

За една од нив, додаде, ќе бараме дополнително објаснување. Бектеши објасни дека би било спорно на таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош – било тоа фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија веќе ја користат државната помош од страна на Владата – да им се даде дупла државна помош.

-Од тоа што го добиваме во делот на анализите не знам дали има ваков пример не само во регионот и во другите држави за една иста инвестиција да имаме два или три вида на помош. За една помош – да, тоа го прават сите држави во светот, но да имаме два или три вида помош за една инвестиција мислам дека би било спорно. Затоа многу внимателно треба да се гледаат тие предлози и тие барања од страна на стратешките инвеститори, порача Бектеши.

Во понеделник или вторник Министерство за економија ќе бара дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и тоа што е прифатено од страна на Комисијата која е формирана од Владата за една од инвестициите која е веќе во собраниска процедура.

-Ако е потребно подготвени сме како Министерство за економија и формално правно да бараме враќање на одредени решенија во владина процедура за да се преговараат од почетокот, рече Бектеши.

На дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос“, когенеративна постројка Скопје, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестициски проект „Соларен парк Стипион“, по скратена постапка, Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект  AIM GREEN TECH, по скратена постапка и Предлог-законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево, по скратена постапка.

Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) пред почетокот на седницата достави допис и упати електронска порака до секој пратеник во Собранието поединечно, со кои бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони за реализација на стратешки енергетски инвестициски проекти зашто го нарушуваат енергетскиот суверенитет на државата.

Сепак, предлог законите веќе го поминаа првиот филтер во Собранието со 58 гласа „за“ и 31 „против“ и ќе одат на расправа во матичните комисии за економски прашања и законодавно правната по што ќе се носат по скратена постапка.

 

Претходна вест18 – годишен шофер прегазил малолетна девојка во Гостивар
Следна вестГолема драма во Далмација: Евакуиран хотел во Сплит поради истекување хлор, има повредени лица