Изборната кампања зоврива, но зовриваат и проблемите на граѓаните. Има ред партиски митинзи, па ред протести на незадоволни граѓани.
На митинзите и собирите од власта се слуша дека се е добро и дека ќе биде уште подобро ако останат да владеат и по изборите. На протестите незадоволните граѓани, вработени во одделни претпријатија и институции кажуваат дека има многу проблеми кои не се решени.
Веќе четврти ден протестираат и штрајкуваат околу 400 лекари-специјализанти барајќи да им се решат основните животни проблеми додека специјализираат за да бидат што подобри доктори кои ќе ги лекуваат граѓаните. Вработени од триесетина подружници на „Национални шуми“, пак, завчера дојдоа пред дирекцијата на ова државно претпријатие бидејќи веќе два месеца не земале плата, а немаат ни здравствено осигурување. Вработените од „Македонска пошта“ деновиве најавуваат дека сакаат судбината на претпријатието сами да ја решаваат и спасуваат со тоа што сами ќе ја направат нова, поефикасна, систематизација на работни места којашто досега никако да биде направена.
Едноставно, на многу места има незадоволство. Еве и друг пример:
Протести најавија околу 3.000 вработени во културните дејности. Наместо зголемување на плата за 12 проценти, тие уште не ни ја земале ниту мартовската плата. Причина било што Министерство за финасии не го одобрува она што им го ветила министерката за култура и сега тие мора да чекаат при што им се заканува дека ќе останат и без здравствено осигурување.
Се слушаат ли сите овие изблици на незадоволство таму каде што треба? Министрите и државните дикректори ќе тераат кампања или ќе ги решаваат проблемите?
Владата неодамна заседаваше и реши проблемите на лекари – специјалисти да се решаваат по изборите. Надлежниот министер за здравство, пак, нивниот протест го оквалификува како „политички мотивиран“ оти се случувал токму во време на изборите.
Ова е начин на решавање на проблемите?
На пример специјализантите возвратија со продолжување на протестот, со отфрлање на таквите квалификации за политички мотиви и ја потсетија Владата дека нивниот проблем и барања за зголемени плати, здравствено осигурување и регулирање на работниот статус, ако сака, може да ги решава во соработка со ДИК и со Антикорупциска комисија. Но, проблемот е што од Владата никој не се ангажира во таа насока.
Работниците во „Национални шуми“ бараат објаснување за тоа како може за нив да нема плати, а во претпријатието, токму во предизборен период, се примиле нови 355 вработени, претходно се вршела набавка на нови возила…
Вработените во „Пошта“ чекаат на одговор што ќе биде со нивната намера да се направи нова систематизација која потоа ќе биде упатена во Владата за да се примени и подобри состојбата во ова големо претпријатие со околу 2.000 работни места и во кое има 15 подружници со 15 директори, многу шефови и други раководители, а малку непосредни работници.
Министерката за култура, пак, се уште не се огласила за проблемот со покачувањето на платите за вработените во нејзиниот сектор…
Мора, министрите да најдат време за решавање на овие проблеми. Начини тие да се решат или барем намалат и во овој изборен период, кога постојат законски огрнаичувања, има, но треба само да се тргне. Но, за тоа да се случи, државните раководители треба да сфатат дека граѓаните и нивните проблеми сепак се поважни од партиските митинзи. Впрочем и дебело се платени за проблеми на граѓаните да решаваат.