Редиците за промена на личните документи не се решение, МВР треба да го одложи наметнатиот рок

Долги редици на граѓани кои чекаат и по неколку часа се она што веќе неколку дена го одбележува работењето на новиот пункт на МВР за вадење на лични документи во ПС „Пролет“. Несомнено, така ќе биде и во наредниот период со оглед на тоа дека е голем бројот на граѓаните кои се уште во личните документи го немаат омилениот збор на власта – „Северна“.

Зарем големите редици и чекање полно со нервози се решение кое доликува на организирана држава?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера соопшти дека до овој момент на ниво на државата заменети се околу еден милион и педесет илјади пасоши, околу 900 илјади лични карти и 480 илјади возачки дозволи. Споредено со бројот од 1,8 милион жители според последниот попис, тоа значи дека уште многу и многу граѓани треба да брзаат за да го реализираат наметнатиот термин од власта – до февруари идната година да ги сменат документите.

Ако граќаните пак тргнат по редовна постапка за да ги избегнат редовите, во МВР ќе им закажат менување на документите во постојните пунктови дури во лето, а ултимативниот рок е до февруари. Апсурд!

Зарем ова не е доволна причина наметнатиот рок да се пролонгира?

Ова упорно го бараат граѓаните преку социјалните мрежи. Има и конкретни забелешки за новоотворениот пункт: На Фејсбук-страницата на министерот Спасовски еден граѓанин укажа дека вчера, на првиот ден од официјална работа не се почитувало најавеното работно време.

-Министре денеска полицајците што беа на служба во пунктот вратите ги заклучија кратко после 17 часот. Граѓани беа вратени, а пишува до 18 часот по потреба до 20 часот. Ве молам во името на сите денеска што отидовме за џабе до пунктот, како и на другите граѓани што би оделе деновиве да реагирате против самоволието на службениците кој сами си одредувааат работно време, напиша овој граѓанин.

Други граѓани, пак, укажуваат дека на ваков пункт не може да доаѓаат постари граѓани.

-Што правиме со стари луѓе над осумдест години, и они ли ќе чекат ред по три, четири часа, праша друг скопјанец?

А основен проблем е во долгото чекање. Неколку часа чекање во долга редица, на отворено и во зимско студено време, сепак е непријатно за граѓаните.

-Нема никаква организација, ова е омаловажување на сопствениот народ, беше коментар на еден скопјанец.

Оттаму, прашањето е како да се одбегнат ваквите непријатности, но и како граѓаните кои до 12-ти феврури нема да успеат да ги сменат документите, да немаат проблеми со важноста на документите во банките и други институции?

Решение за вакво нешто може да биде само во продолжувањето на ултимативниот рок за промена на личните документи со претходното име на државата Република Македонија. Голем број на граѓани имаат такви документи со важност долго по февруарскиот рок во 2024-та година и не би требало да биде проблем да се донесе одлука со која тие документи да бидат важечки уште година-две за граѓаните да може да ја извршат замената без нервози и долги чекања. Воедно така е и поевтино за граќаните, оти во едно семејство не ќе мора сите наеднаш да ги менуваат документите што е прилично скапо.

За ова, но и други агли на истиот проблем, на социјалните мрежи постојано реагираат и граѓаните.

-А зошто пасошите не се менуваат постапно, како што им истекува важноста?, праша граѓанката Марија С.

Граѓаните, пак, и натаму поставувата прашање зошто таквата обврска треба тие да ја платат?

-Ова треба државата да го плати, затоа што тие го сменија името, а не народот, вели Сузе Т.

Владините претставници сепак би требале да ги слушнат забелешките на граѓаните кои се повеќе реагираат. Не е добро ако секогаш се слушаат само желбите на странците.  Може и мора да се најде подобро решение на проблемот кој власта сама го направи.

Претходна вестГрк криумчарел мигранти во камион полн со компот од праски, уапсен на граничниот премин „Богородица“
Следна вестГерманците сакаат да забранат извоз на лек за дијабетес, има недостиг затоа што го користат за слабеење