Ревизорите открија: Скопски „Водовод“ морал да плати 1,9 милиони евра за адвокати за наплата на заостанат долг од 1,5 милиони евра

Скопско јавно претпријатие „Водовод и канализација“ во 2021 година морало да плати 1,9 милиони евра трошоци за адвокати за да ги наплати побарувањата од околу 1,5 милиони евра. Ова го утврдиле државните ревизори при контролата во ова претпријатие во 2021 година, а за што е објавен извештајот.

Од спроведената анализа е констатирано дека во периодот од 2017 до 2021 година, трошоците за ангажирани адвокати, нотари и извршители за изготвување на нотарски платни налози за заостанати долгови, изнесуваат 492,533 милиони денари или приближно 8 милиони евра, а за судски трошоци се издвоени 23,496 милиони денари (околу 380 илјади евра). Во 2021 година овие трошоци изнесуваат вкупно 116,021 милиони денари или 1,9 милион евра за 72.331 постапки, а наплатените побарувања во истата година изнесуваат од 94,704 милиони денари или околу 1,5 милиони евра.

– Причина за особено високите износи на трошоци за ангажирање на нотари и адвокати произлегува од член 68 од Законот за нотаријатот, со кој меѓу другото е пропишано дека за парично побарување за вода и смет во вкупен износ над 6.000 денари, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог задолжително го составува адвокат и мора да содржи адвокатски печат и потпис, се додава во извештајот.

Освен ова, ревизорите утврдиле дека „Водовод и канализација“ – Скопје има искажани, но неплатени обврски кон државниот Буџет за повеќе години наназад во износ од 185,543 милиони денари или околу 3 милиони евра за надоместоци за користење и испуштање во води.

– Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60 отсто, што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје, наведува ДЗР.

Со извршената ревизија, меѓу другото, е констатирано дека од вкупно 295.750 корисници на вода до денот на известување за ревизијата, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 89.634 корисници или со 30 проценти од нив. Најголемиот дел од корисниците со кои не е склучен договор или 97 отсто се од категоријата „домаќинство“, додека останатите три проценти се од категоријата „стопанство“.

Според ДЗР, ова може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите.

Претходна вест25-годишното момче смртно прегази жена во Ѓорче Петров
Следна вестСкромниот освојувач на МВП Јокиќ: Не можам да се споредам со Ѓоковиќ тој прави големи работи за децата