Приватните лекари в понеделник нема да работат со пациенти од 12 до 16 часот во знак на револт по убиството на матичниот лекар А.В. од Скопје. Ова го најави претседателката на Здружението на приватни лекари д-р Лили Дервишова-Чолакова, која рече дека тие се револтирани од грозоморниот настан.
-Ова можеше да се случи било кому од нас. Одамна бараме донесување на Закон за лекарска дејност, со која ќе бидеме заштитени. Со капитацијата која ја примаме дали треба и обезедување да ангажираме? Колегата беше исклучително посветен на неговите пациенти, затоа продолжи со работа до старосната граница, да не ги остави без лекарска заштита. Токму затоа ни е потребно државата да не заштити, рече таа во име на околу 1.500 доктори.
Со прекинот на работата сакаат да издејствуваат донесување на законот за докторска дејност, кој предвидува поголема заштита на лекарите.
-Законот е подготвен и фаќа прашина во некоја фиока. За него зборувавме уште кога беше министер Никола Тодоров. Многумина се сменија од тогаш, а законот не е донесен. Под итно треба да се донесе, рече претседателката Чолакова-Дервишова.
Таа апелира МВР што побргу да го расчисти случајот оти и тие како лекари се чувствуваат загрозени по убиството на колегата.
Лекарската комора остро го осуди убиството на доктор.
-Истакнуваме дека никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира, бидејќи насилството не е соодветен начин на кој се решаваат проблемите. Истакнуваме јавно барање надлежните институции итно да постапат за овој случај и да ги преземат сите неопходни мерки за да ги утврдат околностите во кои се случил настанот и соодветно на тоа да го пронајдат сторителот и да го санкционираат. Загубата на човечки живот секогаш е тешка, но трагедијата е многу поголема кога тоа е направано на насилен начин, велат оттаму.
МВР утрово соопшти дека доцна синоќа на паркингот пред Поликлиниката „Железара“ со убодни рани од нож бил пронајден 67-годишен лекар. Го пронашле синовите, кои излегле да го бараат оти не се вратил од работа. Убиениот бил матичен лекар, концесионер со ординација во Поликлиниката „Железара“.