РСБСП: Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици

Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол, укажува Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Во осмомартовското обраќање РСБСП повикува на внимателност кај секој учесник во сообраќајот а на празникот 8 Март на жените-возачи им препорачува: да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да се грижат за сите учесници во сообраќајот, да користат сигурносен појас, да возат според пропишаната брзина, да избегнуваат да пушат и да зборуваат на мобилен телефон додека возат, почесто да ја проверуваат исправноста на возилото и да бидат посигурни во себе и во своите возачки способности.

-Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, возете совесно, одговорно и со верба во себе. Покажете дека сте пример за успешност во семејството, на работно место и во сообраќајот на патиштата, потенцира претседателот на РСБСП м-р Гордана Кожуваровска.

Од РСБСП потенцираат дека и покрај бројните примери за жени кои се успешни во сите сфери на општественото живеење, дел од жените-возачи се чувствуваат ранливи и несигурни во сообраќајот и пристапуваат особено внимателно имајќи ги предвид можните опасни ситуации. Ова пред сѐ се однесува на ситуации во врска со одржувањето на возилото во исправна состојба, несакани дефекти за време на возењето, личната безбедност и сл. Истовремено жените-возачи се покажуваат како одлични планери на патувањата и земаат предвид бројни околности кои можат да влијаат на безбедното возење со што придонесуваат за зголемување на безбедноста во сообраќајот воопшто.

-Според податоците од статистиката, жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици и не се многу склони кон брзо возење или возење под дејство на алкохол. Сепак, и покрај ова, статистиката покажува дека поголем е процентот на жени кои се жртви или повредени во сообраќајни незгоди, наведуваат од РСБСП.

Претходна вестЛаден прием за западните лидери во земјите од третиот свет
Следна вестТешка сообраќајка кај скопска обиколница, еден починат и двајца повредени