Сакаш да си дипломат – дојди ќе те направиме и во САД ќе те пратиме

Како се станува македонски дипломат? По лични или родителски желби или по исполнување на законски предвидени услови кои бараат висока професионалност? Дипломатот треба да ја преставува Македонија во странство и да работи во интерес на македонските граѓани или живеењето во странство на државна сметка е награда за определена личност?

Ваква дилема се наметнува откако вчера јавноста слушна информации за нови кадровски решенија за македонски конзули во странство. Иако владините претставници вчера официјално не потврдија, но ниту демантираа, неофицијално, за нов македонски конзул во Њујорк е предложена Бесмира Ејупи, а за конзул во Чикаго Петри Муслиу. Дали тие ги исполнуваат условите? Односно, дали тоа што главна референца за Бесмира Ејупи е тоа што порано била телевизиска презентерка во неколку телевизии, што магистрирала казнено право е доволно за да се стане конзул? Или, дали тоа што Петри Муслиу, син на аналитичарот (според многумина – провладин) Алберт Муслиу и чиј шура е пратеник од СДСМ, е од пред неколку недели испратен во македонски конзулат во Чикаго е исполнување на условите?

А Законот за надворешни работи е јасен: по правило за Генерален конзул се именува дипломат со високо дипломатско звање од МНР. По исклучок, доколку не е кариерен дипломат, тогаш треба да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи. 

Владините претставници и оние од МНР би требало да и објаснат на јавноста на кој начин Ејупи и Муслиу ги исполнуваат тие услови. Се разбира, ако по реакциите во јавноста сега не уследат деманти дека такво нешто немало на „затворената владина седница“.

За жал, и овој пат проблеми и недорешености во македонската дипломатија има кога се сака да се испрати дипломат во САД. Некако сите сакаат натаму да му ја летнат.  Неодамна тоа се случи со Љубомир Фрчкоски кога за овој поранешен претседателски кандидат на СДСМ излегоа информациите дека е номиниран за македонски амбасадор во Вашингтон. Потоа, тој не доби агреман од САД што е сериозен показател дека кандидатот е несоодветен за дипломат. Но, името на Фрчкоски сега е предложено за шеф на македонската мисија во седиштето на Обединети нации, кое е на тероторијата на САД. Значи, кандидат за амбасадор кој беше неприфатлив за САД сега им го праќаме како амбасадор во ООН!?

До кога во Македонија кој посака ќе стане дипломат? МНР да не има и посебен кабинет каде секој си ги испраќа желбите и очекувањата?

Претходна вестСДСМ: Градоначалничката Арсовска стопира важни проекти за скопјани
Следна вестЕди Рама: Јас сум католик, сопругата ми е муслиманка, двете деца ни се православни…