Само 9 отсто од наставниците ја користеле Националната платформа за одржување на своите онлајн часови бидејќи таа имала технички недостатоци и била нефункционална. Најголемиот дел од наставниците, 67 проценти, часовите ги одржувале преку Мајкрософт тимс. Ова го покажало националното истражување „Далечинско учење или далеку од учење” чии резултати беа презентирани денеска. Истражувањето е изработено од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, во соработка со Фондација Конрад Аденауер во периодот од 25 декември 2020 до 15 јануари 2021.
Учениците, пак, се помалку задоволни од далечинската настава во првото полугодие на учебната 2020/2021 година во однос на минатата година. Само 35,9 отсто од учениците дале многу добра или одлична оценка. Најголем проблем за учениците и наставниците при онлајн наставата се несоодветно скратените наставни програми поради кои се губело повеќе време во оваа, во однос на минатата учебна година. Таков одговор дале 55 проценти од учениците и 87 отсто од наставниците од средните училишта, Наставниците ги имаат добиено програмите на речиси една недела пред почетокот на учебната година со што многу малку имале време да се подготват. А, начинот на кој ги имаат добиено програмите и како тие се скратени се разликувал од предмет до предмет.
-Позитивно во првото полугодие е тоа што далечинската настава се одвивала поструктурирано, по распореди со зголемена искористеност на дигитални алатки. Сепак, предизвиците се бројни односно не сите наставници имале техничка опрема и најчесто работеле од дома како и фактот што наставните програми им биле испратени неколку дена пред почетокот на годината што не оставило простор за подготовка, истакна Иван Јованов, еден од авторите на анализата.
Потребно е техничко подобрување на училиштата зашто 62 проценти од наставниците работеле од дома, вложувајќи сопствена опрема. А, неопходно е и воведување задолжителни обуки за дигитални вештини на наставниците зашто 11 отсто од нив сеуште комуницираат со учениците , праќајќи им презентации и давајќи им инструкции преку меил, СМС пораки и Вајбер.