Само два маркети ли беа за затворање во бранот на поскапувања?

Бран на поскапувања, зголемени цени ги заплисна маркетите и пазарите во Македонија. Доволни беа само десетина дена од престанокот на важењето на мерката за гарантирани цени па производителите и трговците да пристапат кон испишувањето на повисоки цени на значаен дел од производите.

Мораше ли да биде така?

Не сите поскапени сите артикли, но очевидно е дека кај млекото и млечните производи, кај пијалоците, кај месото и сувомеснати продукти, кај овошјето и зеленчукпт… тргна „ракетата“ нагоре да носи нови цени.

Се случи она на што се предупредуваше: дека по одмрзнувањето ќе следи зголемување на цените во име на пазарните законитости на понудата и на побарувачката. Но, дали е токму така? Воведувањето на мерката на гарантирани цени во септември минатата година откри и непазарно однесување на производителите и трговците кои ставаа маржи надвор од секоја пазарна логика – по 70, 100, 200, 250 проценти… А сето тоа го плаќаа граѓаните, а за чија заштита се воведоа гарантирани цени со ограничени маржи. Тоа замрзнување на цените, всушност, беше и обид производителите и трговците да сфатат дека преку маржи не треба да ги ограбуваат граѓаните туку да остваруваат разумен профит.

-Наместо половина килограм, ќе купам помалку. Немилосрдни се некои газди на производствени и трговски фирми. Никој од нив не пропадна додека беа гарантираните цени, ама веднаш ги покачија цените кога нема забрана и затоа мора да носам дома помалку од планираното, реагира еден аеродромец утрово во маркет кога купуваше млечен производ.

Пазарnа логика е или маржите пак одат високо? Државниот пазарен инспекторат треба добро да ја проверува деновиве оваа дилема.

Последnиот извештај од контролите покажа дека само два маркети се затворени и тоа поради тоа што предвреме ги укинале гарантираните цени. А што е со другите маркети и големи набавни магацини во кои цените пораснаа? Оправдано ли е таквото поскапување?

На граѓаните им е потребен таков извештај од Инспекторатот. Убаво е тоа што вицепремиерот Фатмир Битиќи укажува дека е потребно да се донесе законот за нефер трговски практики и со кој треба да се донесе и листата од повеќе од 2.000 производи, чија маржа според надлежните нема да смее да надмине 10 отсто. Но, дотогаш граѓаните не смеат да бидат ограбувани преку неоправдано зголемени цени и тоа инспекторите треба да го спречат.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ тврди дека од денес во РЕК Битола не се произведува електрична енергија
Следна вестБитолчанец осомничен дека силувал малолетно девојче, се бара притвор