Само во април: Од 403 станови дозволени за градба во Скопје дури 317 ќе никнат во Аеродром

Скопската општина Аеродром и натаму е подрачје со најинтензивна станбена изградба во скопскиот регион. Тоа го покажуваат и податоците за издадените дозволи за градба во април годинава кои што ги соопштува Државниот завод за статистика.

– Во извештајниот период во земјава е предвидена изградба на 835 станови, со вкупна корисна површина од 62 697 метри квадратни. Најголемиот дел се во скопскиот регион, каде, според одобренијата за градење, се планирани нови 403 стана, од кои 317 во општина Аеродром, а 74 во општина Центар. Во останатиот дел од Македонија се планираат и 102 станови во Дебар, 69 во Гевгелија, 58 во Гостивар, се наведува во информацијата.

Практично, излегува, дека од петте стана кои наскоро ќе бидат започнати со градба четири ќе се градат во општината која и досега беше рекордер по бројот на становите во градба.

Интензивната станбена изградба во Аеродром предизвикува се поголеми реакции на аеродромци кои се повеќе се соочуваат со проблемите какви што се недостиг на зеленилото, тесни сообраќајници, недостиг на паркинг-места, градинки и слично. Но, планерите тоа, очигледно, не го слушаат доволно, туку се продолжува со издавањето на нови и нови дозволи. 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Шилегов наместо да ги чисти, неконтролирано ги зголемува дивите депонии
Следна вестТешко повреден пешак во Козле, возачот кој го удрил побегнал