Самоувереноста на власта спласна, каде и се загуби двотретинското мнозинство?

Многу дилеми отвори вчерашната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Но и затвори една дилема – дали власта навистина аргументирано се биеше во гради дека има во ракав двотретинско мнозинство во парламентот за да го смени Уставот.

Дефинитивно – СДСМ и ДУИ немаат таква подршка и нема пратеници од опозицијата кои би играле по нивните ноти. Очигледно и со сите „балкански“ методи кои порано ги користеа таква подршка не можат да добијат. Останува само нејасно дали и во редовите на самото владеачко мнозинство има пратеници кои не сакаат промена на Уставот под диктат на Бугарија.

Затоа Ковачевски и седна да разговара со Мицковски, затоа и нуди министерски места, нуди избори, нуди… Едноставно, дојде време да се види дека власта е силна само на зборови и дека почнува процедура за промена на Уставот без да има подготвен терен за тоа.

А беа многу гласни и силни на зборови. Даваа најави, комбинации… со месеци се пласираа во јавноста најбрзи и најлесни патишта за остварување на условот и уцената содржана во „францускиот предлог“.

-Има простор за двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Мислам дека ќе победи разумот кај опозициските пратеници, изјавуваше уште пред девет месеци координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.

Вицепремиерот Маричиќ пред три месеци во интервју за „Макфакс“ изјавуваше дека „има начин како да се дојде до 80 пратеници за уставни измени

-Има повеќе начини како да се стигне до мнозинство за уставните промени, а два од нив се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, рече тој.

Вицепремиерот најавуваше и помош од странски дипломати, најавуваше доаѓање на германскиот премиер Олаф Шолц, на францускиот претседател Емануел Макрон со цел да се обезбеди поддршка од опозициските пратеници…

Но, вчера по средбата се виде дека таквите планови на власта не успеваат. Се виде дека некој не попушта пред софистицирани и директни притисоци. Повторно се будеа непријатните спомените од купопродажните договори со осуммина пратеници од времето кога се гласаше за промени на уставот врз основа на Преспанскиот договор, ама…

Дали сега има обид да се купи ВМРО-ДПМНЕ со министерски места и избори, останува да проценуваат во партијата на Мицковски. Од таму засега само велат дека ќе бидат цврсти во одбрана на интересите на Македонија.

Времето полека ќе покаже што е што. Веќе покажа дека власта се пресмета и умисли дека се ќе биде само по нејзино. Веќе се зборува дека може и влада без ДУИ.

Сега очигледно разговорите власт – опозиција ќе преминат во преговори. Апелираме, при тоа Македонија да им биде најважна!

Претходна вестУчебната година за средношколците завршува утре, за основците на 14 јуни
Следна вестМеси не тргна по стапките на Роналдо и Бензима, ја одби богата понуда на Саудиска Арабија