СДСМ: Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се симбол за расипничко трошење на народните пари

Според политичката партија СДСМ, Хаосот што му се случува на Град Скопје е пример како ВМРО-ДПМНЕ владее со секоја општина. Од оваа партија велат дека хаос, самоволие и нефункционалност се случува речиси во секоја општина каде ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт.

– Наместо решенија, наместо реализација на проекти, во општините раководени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се случува партизација, зголемување на цените на услугите, злоупотреба на службената положба и расипничко трошење на парите на граѓаните.

Во општина Штип градоначалникот Иван Јорданов и мнозинството во Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го зголемија данокот на промет на недвижности од три на четири отсто, откако претходно го поскапеа такси превозот и трошокот за ѓубретарина.

Во Ѓорче Петров, во ек на најголема економска криза, градоначалникот ќе потроши 100.000 евра за опремување на нова општинска зграда.

Во Битола и Прилеп возила од јавни претпријатија се злоупотребуваат за одење по свадби, но и за приватни патувања во и надвор од државата.

Во Прилеп е зголемена цената на јавниот превоз, на паркингот и на комуналните услуги, како и цените за фирмарина и поставување урбана опрема, а зголемени цени на комуналните услуги има и во Радовиш и Виница, но и во неколку други помали општини, истакнуваат од СДСМ.

Од опозициската СДСМ додаваат дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се симбол за неработење, за расипничко трошење на народните пари.

Претходна вестПревозниците бараат средба со премиерот, најавуваат радикализација на протестите
Следна вестМаричиќ се фали или се жали: Има интерес Шолц и Макрон да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници?