Партијата на власт, СДСМ, уверува дека просечната плата во јули е зголемена за 8,5 отсто. За овој податок тие се повикуваат на податоците на Државниот завод за статистика.
Од СДСМ сметаат дека до тоа довеле политиките кои се во интерес на граѓаните и на стопанството, како и ефикасните и навремени антикризни мерки на Владата предводена од СДСМ, при што и во време на пандемија дошло до раст на просечната плата во Македонија.
-Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули оваа година, изнесува 27.867 денари. Просечната плата во државата, и во услови на кризата предизвикана со пандемијата со коронавирусот е за 8,5 отсто повисока во однос на јули 2019 година. Од јуни 2017 година, кога на чело на Владата застана СДСМ просечната плата во државата порасна за 4.423 денари, потенцираат од СДСМ.
Додаваат дека нивните заложби за иновативна и конкурентна економија го поттикнале трендот на раст на платите.
Инаку, СДСМ најави дека во четиригодишниот мандат минималната плата ќе дистигне 20.000 денари, а просечната 34.000 денари.