Се грижи ли некој за учениците кои губат настава поради дојавите за бомби?

Дојавите – заканите за поставени експлозивни направи по училиштата и други објекти веќе станаа секојдневие. И денеска се испратени во повеќе школи. Нормално, веднаш учениците ги напуштаат училниците. Но, нормално ли е ова да се повторува со денови, месеци, а за настaвата и учениците да не се најде решение?

Намерата на заканувачите станува се поочигледна: да се направи хаос во Македонија. Да има несигурност и страв, да се ремети општеството, особено полицијата, образованието…

А како надлежните на оваа одговараат? Засега, најактивна е полицијата која оди во објектите каде се добиени дојавите, врши евакуација, пребарување по што се покажува дека дојавите се лажни. И тоа е се. Далеку е разоткривањето на сторителите. Тоа било тешко во сајбер просторот. 

Но, што е со учениците, со децата коишто се принудени да ја прекинуваат наставата? И тоа ли е тешко да се среди?

Наставата веднаш се прекинува откако ќе се добие дојавата, учениците се евакуираат надвор и потоа се чека да завршат полициските проверки во испразнетите училишни згради. Тоа чекање најчесто станува долго со часови па децата потоа и не се враќаат во училиштето бидејќи смената е веќе при крај. Така, она што требаша да биде училишен ден и учење се претвора во одење по блиските кафулиња, по паркови, улици, трговски центри. Односно, се претвора во целосно загубено време определено за учење.

Надлежните од Министерството за образование, од училишни управи, веќе мора сериозно да се загрижат околу ова. Мора да се најде решение со кое ќе се запре ваквото губење на училишни денови со оглед на „залетаните“ заканувачи и спората истрага против нив.

Дали тоа значи повторно враќање кон он-лајн наставата, кон одржување на часовите во други термини или нешто слично, е работа за која треба да донесат став многуте институции кои се дебело платени за да децата имаат добро образование.

Не е доволно тоа што Министерството кон крајот на првото полугодие соопшти дека загубените часови треба да се надоместат во второто полугодие. Всушност таа препорака сега веќе е и смешна, оти еве и во второто полугодие децата губат часови.

Да се надеваме дека надлежните не се толку многу преплашени од најавите за бомби па не можат рационално и корисно да размислуваат за проблемот кој се таложи.

Претходна вестРоманот на Венко Андоновски „Папокот на светлината“ објавен на руски јазик
Следна вестТрамп: Третата светска војна никогаш не била толку блиску, конфликтот мора да се реши