Колумна на Владимир Величковски:
Тлото под нозете ни е сериозно разнишано со доминантно чувство на страв и несигурност. Луѓето немаат доверба, а цинизмот и разочарувањето имаат значителен удел во ерозијата на сите вредности во животот и творештвото. Градот, кој е разнебитен, ја загуби својата патина преобразен насилнички во темно место за живот кое го изгуби чекорот со совршеноста. Младите кои имаат бистар ум , талент, но и практичен дух се образовани, меѓутоа, својата иднина ја гледаат во друга земја, што не значи дека таму ќе бидат посигурни. Со корона пандемијата се „ресетира“ светот, а луѓето привикнуваат на „нова нормалност“, со примитивизам и тензични состојби. Музичко и ликовно во светот се на високо место, меѓутоа, кај нас се редуцирани и потценети предмети.
Малевич запишал: „Целиот свет е изграден со помош на сликарско-естетско доживување“. Оние кои одлучуваат најавија „голема реформа“ во образованието при што забораваат дека станува збор за сеопфатна област од фундаментално значење за општеството. Потребни се добро осмислени постепени промени во одделни сегменти на образованието во согласност со современата методологија, информатика и научни сознанија. На наставниците им се ветува посамостојна и поавтономна работа, при што се појавува проблем на недостаток на финансиски средства и услови за работа. Постои контраст меѓу аудиовизуелните материјали и електронската техника. Решително, но неуверливо се најавува ослободувањето на образованието од директното партиско влијание, меѓутоа, се уште се именуваат директори според партиска подобност. Тоа тешко ќе оди затоа што робуваме на старите навики и сфаќања, особено кога со чудна сигурност најавуваат брз развој на самостојно критичко размислување на младите. Некој си дозволува да поправа или брише содржини и ставови изнесени од автор на рецензиран учебник. Што значи тоа?
Основното и средното образование се задолжителни, а секој што се запишал на факултет мора да го заврши: цел е дипломата, а не знаењето, врските а не квалитетна работа. Со еден клик студентите симнуваат готови содржини и теми пријавувајќи ги како свои семинарски или дипломски работи. Добрите студенти, кои немаат можност да изберат образование со подобар квалитет ја напуштаат земјата или работат како продавачи. Секој протест на студентите за подобро образование завршил неуспешно. Одделни предмети и групи се редуцираат и може да пропаднат. Каде води тоа?!
Поразително е чувството на немоќ на мала и неразвиена средина, земја во која царува корупција, и во образованието. Тешко дека ќе фатиме чекор со Европа.