Зошто им се на Скопје и неговите општини над 265 скапи советници?

Пред изборите законот треба да се смени и Советите да се намалат

Паушалите кои им се даваат не се за занемарување, но пред се треба да се намали бројот на општинските советници. Така ќе се намалат непотребните трошоци, а и самите Совети ќе бидат пофункционални. Што ќе му е на Скопје совет со 45 лица, доволно е да се и 33-ца, смета скопјанецот Иван

Веќе се растрчани партиските послушници да фаќаат врски кај шефовите за да ги кандидираат на изборите за советници по општините. Зошто е тоа така, зошто им е привлечно тоа место?

Предлог-Одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка, Предлог-Одлука за доделување на еднократна парична помош, Предлог-Одлука за методологијата за утврдување на критериуми за…, само се дел од десетината точки на дневниот ред кои на една јануарска седница ги имале советниците од Советот на општина Кисела Вода. Горе-долу, слични дневни редови имаа и советници од останати девет скопски општини и оние од Советот на Градот Скопје. И таа една седница со десетина такви точки се доволни за тој месец советниците да земат редовен месечен паушал од 14.500 до 24.000 денари.

– Паушалите кои им се даваат не се за занемарување, но пред се треба да се намали бројот на општинските советници. Така ќе се намалат непотребните трошоци, а и самите совети ќе бидат пофункционални. Што ќе му е на Скопје совет со 45 лица, доволно е да се и 33-ца, смета скопјанецот Иван.

Тој смета дека има време до локалните избори да се сменат законите и да се намалат бројките на советници.

-Воопшто не сум задоволна од она што советниците во изминативе години го сработиле. Ако работат како што треба, и 2000 евра ако сакаат нека земаат, но по градот се познава дека не се работи како што треба, коментира скопјанката Сандра Петрова.

Гарантиран паушал од 200 до 400 евра и за само една седница

Во Советот на Скопје и во советите на останати десет општини има вкупно 267 членови, избрани на локални избори. На нивно конто, на пример, во 2019 година се исплатени над 816.000 евра, а така сигурно било и лани. Најмногу, како што покажала анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации, месечно биле плаќани 45-те советници од Советот на Градот Скопје – по 24.276 денари, а потоа оние од општина Чаир – 17.184 денари, па од Аеродром, Гази Баба и Карпош – 16.993ден…. Надоместокот се пресметувал по шема со која, зависно од бројот на советниците кои ги имаат, тој може да биде од 40 до 70 отсто од просечната плата исплатена во државата во минатата година. Услов да го добијат е месечно да одржат барем една седница.

-Не знаев дека советниците земаат толкави паушали. Итно најмалку да им се преполоват оти не ми е познато што толку работат за толкав паушал. Нека работат без хонорар за доброто на градот и на општината. Ги има во голема бројка, а земат цела плата иако имаат и друга работа, смета Сашо Георгиевски.

Незадоволна од новното работење е пак жителка на општина Центар Биљана Сидовска

-Советот усвои одлука за поставување на урбана опрема за кафеаните. Тој план е последен удар, ќе ги загубиме сите тротоари. Сите се претворени во една голема кафеана. Никако да сфатат дека тротоарите се наменети за пешаците а не за кафанџиите, реагира Сидовска.

Не знаат што е вонредна ситуација

Незадоволството на граѓаните од Советите е посебно искажано кога се работи за донесување на детални урбанистички планови од нивна страна. Случаите на ДУП-ови за Дексион и Хром во Ѓорче Петров, за Расадник, за Треска, и порано за Дебар Маало, Аеродром… се уште предизвикуваат револт кај граѓаните и отвораат сомнежи за коруптивни дејства. Освен тоа некогаш Советите доцнат зад потребите на граѓаните па не свикуваат вонредни седници кога е потребно. Во февруари 2018 година се забележа и парадокс со кој Советот на Скопје одржа вонредна седница за да донесе Предлог-програма за туристичка пропаганда, а претходно не се собра за загадувањето на воздухот!?

Инаку, сегашна бројност во Советите е определна со закон кој предвидува општините до 5.000 жители да имаат 9 члена, оние до 40.000 да имаат 19… оние до 100.000 31, над сто илјади жители – 33, а Градот Скопје – 45 советника.

-Сметам дека бројот на советниците треба произлегува од урбаните заедници, во име на штедењето ама и во име на потребите на граѓаните, вели Пандорче Димитриеска.

Проблем е и што советниците најчесто слепо ги слушаат партиските директиви па немаат слух за потребите на сите граѓани.

– Не сум задоволна од работата на општинскиот совет на Ѓорче Петров, членовите во изминативе 4 години се тотални анинимуси. Нема никакви извештаи достапни за жителите за нивната работа во советот. Ако ја погледнеме предлог – програмата за 2021 година, многу малку како предлагачи се јавуваат комисиите на советниците, а ако се, станува збор работи кои не се од витално значење за заедницата. Паушалите им се околу 15.000 денари, што сметам дека не се високи доколку си ја оправдаа довербата, ни вели граѓанката Пандорче Димитриеска.

Не се мост со граѓаните

-Генерално, не сме задоволни од работата на советниците бидејќи комуникацијата на повеќето од нив со нас заврши штом изборите поминаа. Можат да се набројат на прсти советниците од сите скопски општини кои воопшто ни одговориле на мејлови, а уште помалку се (вкупно 2 советнички од сите 11 скопски локални самоуправи) оние кои редовно не’ информираат за новините во локалната самоуправа, за дневниот ред… Нам ни делува дека повеќето советници не се оној мост со граѓаните кој треба да бидат и не си ја сработуваат добро работата, вели Дарко Арсовски од граѓанската иницијатива „НаТочак“