Се отвара конкурсот за просторот кај „Треска“, не се знае кој може да учествува

Утре се отвара конкурсот за проекти за просторот на местото на фабриката „Треска“. Градоначалникот Саша Богдановиќ рече дека го потпишал барањето за јавна набавка, како и дека конкурсот ќе трае 45 дена. Ама не ги открива условите кои треба да ги исполнат оние кои сакаат да конкурираат.

Прашањето е сега дали ќе се дозволи да никнат 30-тина згради, оти Богдановиќ најави дека ќе се бори за зеленилото. Но, ако судиме според она што се случува кај „Холидеј ин“ надежите дека „Треска“ нема да се бетонизира се минимални. Веќе се најави нова голема сеча во нејзиниот круг.

Дел од медиумите објавија дека инвеститорите на адреса на Општина Центар до 7 јуни, годинава поднеле 20-тина барања за окрупнување парцели преку откуп на државно земјиште. Сопствениците на приватното земјиште сакаат да градат според ДУП кој беше прогласен за незаконски пред четири години, а според постоечката регулатива можат да бараат окрупнување на парцели доколку поседуваат над 30 отсто од земјиштето. Општина Центар одлучува дали тоа ќе им се овозможи.

Инвеститорите, за кои Богдановиќ еднаш рече дека грубо му се заканувале, тврдат дека поседуваат повеќе од 90 отсто од градежното земјиште во рамки на градежните парцели. Поднеле барања за дооформување со преостанатиот дел и не гледаат проблем уште сега да добијат одобрение за градба.

Просторот кај поранешната фабрика „Треска“ е речиси 63.000 квадратни метри. Пребарувањето во системот на Агенцијата за катастар на недвижности покажува дека дел од парцелите се во приватна, дел во државна, а дел во мешана сопственост.

Претходна вестДа можеше да се скија по празни ветувања, Пелистер ќе ги надминеше Алпите
Следна вестВечерва во МОБ се отвора „Скопско лето 2021“