Вечерва се отвора 60-тото јубилејно издание на Фестивалот „Охридско лето“. Првиот конценрт вечерва е посветен на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, а изведувачи се Марија Јелиќ – сопран, Дарио Ди Виетри – тенор, Иван Томашев – бас и Аманда Стојовиќ – мецосопран во пијано придружба на Миливое Велиќ.
Од Управата на Фестивалот однапред е нагласено дека независно интересот кај публиката за некоја од понудените содржини, во ниту еден случај нема да биде дозволено пречекорување на однапред предвидениот број седишта. Во текот на наредните 28 фестивалски дена на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и самата црква ќе има околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.
Музичката програма на „Охридско лето“ годинава содржи 26 концерти, од кои два во фестивалската офф-програма. Ќе настапат врвни имиња како пијанистите Наталија Трул од Русија, Кемал Гекиќ од САД, Фукио саксофон квартетот од Шпанија, косовскиот гитарист Петрит Чеку, италијанскиот фелјтист Масимо Мерчели, мецосопранот Викена Каменица од Албанија, Келнскиот гудачки секстет, францускиот обоист Ариан Баке, Дуо Солипс…