„Panic Room или скок во мислењето“ е насловот на изложбата што се отвора во Музејот на современата уметност – Скопје, на 2 октомври со почеток во 12 часот. Се работи за групна изложба чија цел и инспирација е глобалната опасност што му се заканува на светот: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии…
Ќе бидат изложени делата на Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА. Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.
-Концепт на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина, наспроти вообичаениот начин на којшто животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа. Наедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“ вели кураторката Неделковска. Panic room не подразбира некакво безбедно место каде би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од којшто е и позајмен насловот) туку се однесува на интимниот, внатрешен простор, како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот, отколку крајот на капитализмот, да направиме скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот, повикувајќи „нова земја, нов народ“ ( Жил Делез, Феликс Гатари) отварајќи, при тоа, можности за нова уметност на живеење и заедништво во светот и со светот. Наместо екологија на стравот, екологија на мислењето, се вели во описот на изложбата.