„Шпански танц“ од звуците на македонска филхармонија утре во 20 часот

Утре вечер македонската публика ќе може да ужива во концертот на македонската филхармонија насловен како „Шпански танц“. Почнува во 20 часот, а диригент е Емил Табаков од Бугарија. На концертот ќе бидат изведени Барокни варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе – Шчедрин.

Благој Цанев (1937 – 2020) е македонски композитор чиј творечки опус се базира на неоромантизмот и неокласичната естетика. Цанев е првиот дипломец (1970) на Високата музичка школа (подоцна ФМУ), каде што подоцна дипломира и на Одделот за композиција во класата на проф. Властимир Николовски. Работи како професор во Средното музичко училиште, а потоа и на ФМУ. Неговиот опус бележи дела од повеќе музички родови, а најзначајни се хорскиот, камерниот и солистичкиот жанр.

Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах, во 1985 година, по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот. Во него, користејќи ги музичките придобивки од барокот, Цанев вешто и инвентивно го трансформира опусот на Бах, вметнувајќи свој автентичен печат. Во „Пасчакона“, композиторот се инспирира од двете најпопуларни форми на барокот – пасакаља и чакона, креирајќи моќно музичко дело кое плени со својата јасна структура и едноставност.

Инаку бугарскиот дирригент се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Во неговата богата кариера стои дека од 2002 до 2008 година е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио.

Претходна вестСи дадоа отказ главната и уште две сестри од Инфективна, причина: непочитување
Следна вестНе си фраер ако не возиш на државна сметка: сватови, митингаши, швалерки…