Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици, што се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.
Свети Јован Крстите чинот на крштевањето го извршил кога Исус Христос, Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го шири христијанството. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Штом се крстил и излегол од реката на Исус му се отвориле Небесата и Духот Божји во телесен вид како гулаб се спуштил над Него. Глас од Небесата говорел: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! “Гласот на Отецот е упатен кон Неговиот Син, но поради Него ги повикува сите луѓе од светот да станат синови и ќерки Божји.
Со овој чин на Исусовото крштевање на светот му се објави тајната на Божествената Троица. Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во водата, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата.
Крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“
Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет, што го извршува црквата на овој ден. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.
Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.
Именден денеска празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…