Се слави Божик, раѓањето на Исус Христос, на мирот и на добрата волја меѓу луѓето

Со меѓусебен поздрав „Христос се роди – Ваистина се роди“, посети на црковни храмови и семејни собири православните христијански верници од денеска го празнуваат Рождеството Христово – Божик. Денот на раѓањето на Исус Христос, заедно со Велигден е еден од двата најголеми празници во христијанството.

Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера. Во Евангелијата во Новиот Завет е опишано раѓањето на Господ Исус Христос. На настанот му претходи одлуката на тогашниот римски император Август да се изврши попис на населението во Империјата. Тогаш родителите на Исус, праведен Јосиф и Света Дева Марија пристигнале во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов. Немајќи каде да преноќат, тие отишле во пештерата каде ноќевале пастирите и во која се случило раѓањето. Светлината и гласот на ангелите беа првите вести што ги видоа и слушнаа пастирите “Не бојте се! Денеска се роди Спасителот, кој е Христос Господ: и еве Ви знак: ќе најдете Младенец повиен во јасли”. И ангелскиот хор веднаш ја запеа песната “Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја”. На поклонение дошле и тројца вавилонски мудреци, носејќи му дарови: злато, ливан и смирна. Овие дарови симболизираат: ливанот – бог, смирната – човек и златото – цар.

Божиќ е највеселиот празник и се слави три дена. Првиот ден се поминува дома со семејството, не се оди на гости и не доаѓаат гости. Вториот ден од Божиќ се нарекува „Божји ден“, но е посветен на Богородица. На овој ден луѓето се дружат и одат на гости. Третиот ден е слава за свети Стефан, ѓакон кој страдал за верата.

Инаку, православните верници синоќа традиционално си го прославија Бадник, денот кој му претходни на Божик. Во семејствата се подготвија трпези исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. На Бадник во најголем дел од домовите се меси лепче, пита или погача во која се става пара. Домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши лепчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.

Заради почитувањето на мерките против корона вирусот вчера во црковните храмови немаше поголемо присуство на верниците а изостанаа и бадникови поворки и деца-коледари. Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.

Претходна вестГ.г. Стефан: Како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното!
Следна вестСкопјанец нападнат во Аеродром