Се слави Стара нова година, Обрезание на Господ Исус Христос и свети Василиј Велики

Три значајни празници денеска празнуваат православните христијански верници коишто се придржуваат до јулијанскиот календар. Со пригодни прослави, семејни собири и вечери, кршење на погачи и барање парички, како и со црковни служби, денеска се одбележува почеток на Старата нова година и празниците посветени на Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Врзано со празникот Обрезание Господово се спомнува она што се случило осми ден по раѓањето на Исус Христос. Тогаш, според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите, туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во Евангелието според Лука е запишано: „А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ (Лука, 2, 21)

Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик ‒ денот на Христовото раѓање. Христос го прими обрезанието како што предвидуваше Старозаветниот закон. Бидејќи се роди и живееше во конкретна средина, ги пазеше сите одредби и обичаи на таа средина. А бездруго обрезанието треба да се протолкува низ богословието на понижувањето (кеносисот), што го прими за спасение на човечкиот род.“

Имајќи предвид дека празникот на Христовото раѓање не е од најстарите Господови празници, дека најпрво споменот на Христовото раѓање бил слеан во Богојавление, денот на неговото крштевање, (односно на неговото духовно раѓање), и дека подоцна тој настан е поврзан со денот 25 декември, може да се рече дека и денот на Господовото обрезание подоцна е ставен на осмиот ден по раѓањето.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште како некрстен петнаесет години во Атина ги изучуваше философијата, реториката, астрономијата и сите други светски науки на она време. Школски другари му беа Св. Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крсти на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Беше епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го заврши кога наполни педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики со полна заслужност. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата: апологетски, богословски, подвижнички и канонски; и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината, и тоа: на 1 јануари, наспроти Божик, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокои мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ Преданието за „Василопитата” или лебот на свети Василиј Велики.

Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадуваше на верните од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година кога сите луѓе дојдоа во црква, тој на секого му даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стар календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.

Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…

Претходна вестЛажна пријава за поставена бомба во зградата на НБРМ во Скопје
Следна вестВремето денеска ќе биде сончево и тивко