Успешно стокмениот серијал за новиот пат Кичево – Охрид има нови продолженија. Сценарист и режисер и понатаму е Владата.
Новите епизоди ќе траат до крајот на 2026 година, за кога Владата даде нов краен рок за изградба на автопатот. Оваа одлука паднала на вчерашната седница на министрите.
Значи, да седнуваме покрај телевизорите и да чекаме. Која ли улога сега ќе ја игра министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не е познато. До сега тој беше одговорен дека серијалот ќе виде завршен на крајот од 2023 година. Онаа сцена – кога поранешниот министер Ковачевски силно вика: „стани Бочварски сите да те видат…“, останува легендарна.
Сега, Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информација за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето.
-Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога Изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, се наведува во информацијата.
Дали овој пат предвидената траса е детално анализирана? Земени ли се во предвид сите ризици од појавата на нови свлечишта и дополнителни одлагања на крајот на изградбата којашто сега се помести за скоро три години?
Самите прашања најавуваат интересни епизоди…