Стотици млади момчиња, но и постари лица навлегуваа во ладните води на македонските реки, езера, поточиња, базени… насекаде каде, по вековна традиција, се вршеше чинот на положувањето на светиот крст како дел од одбележувањето на големиот верски празник Богојавление – Водици. Сите тие беа мотивирани со желбата први да го фатат положениот крст од страна на свештениците на МПЦ-ОА, а што, според верувањето, носи среќа и благодат.
На брегот на Вардар во студената вода на пладне влегоа околу 160 учесници кои го дочекаа моментот кога поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан го положи крстот од мостот кај хотелот „Холидеј ин“, откако ја освети водата. Седумнаесетгодишно момче Николовски Ѓорѓи беше среќникот кој прв го фати светиот крст. Тој беше најбрз во однос на останатите учесници и лесно го дофати крстот кој пловеше на површина на водата.
-Посакувам се најдобро за сите, Господ е голем, Господ гледа се, сите да имаат единство и да се обедини Македонија и македонскиот народ, кажа тој по фаќањето на крстот.
На положувањето на чесниот крст му претходеше литија од црквата „Рожденство на Пресвета Богородица“, каде претходно се одржа литургија.
Во Охрид, пак, на градското пристаниште се собраа неколку илади луѓе кои го следеа чинот на осветувањето на водата на Охридското Езеро и на положувањето на светиот крст. Таму, најбрз беше младиот Никола Јакимовски. Свештеникот кој ги освети водите, рече дека Никола од Охрид е оној кој годинава го фати крстот, а не е од Варош. Ова предизвика интерес со оглед на фактот дека со години наназад, крстот од водите на овој празник први го вадеа момчињата од охридската населба Варош.
Никола посака здравје и среќа за сите, а заедно со другите кои се фрлија во водите на Охридското Езеро испеаја пригодна црковна војорданска песна.
-Да ни е за многу години, здравје, љубов на сите, здравје како дрен и радост бидејќи со радост е се поубаво и повесело, рече Никола Николовски.
Свечено и возбудливо беше и во останати македонски градови. Во Тетово прв до крстот дојде 21-годишниот Давид Дамјановски, а чинот на положувањето се изврши во базенот при соборниот тетовски храм „Свети Кирил и Методиј“. Во Крива Паланка среќникот беше Наум Поцев кој најбрзо дојде до светиот крст што беше положен во водите на Крива Река. По завршување на овој чин, на градскиот плоштад во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Богојавление, Водици 2024“ со „Богојавленска софра“ од натпреварувачки карактер, богата трпеза за дегустација од страна на присутните и музичка програма.
Во Дебар најсреќен беше деветгодишниот Павел Ангеловски, кој и минатата година го фати светиот крст, положен во водата на базенот во дворот на црквата „Света Петка“, каде е и седиштето на Дебарската парохија.
– Пресреќен сум. Посакувам здравје и среќа за сите, рече Павел.
Во Куманово, дваесет и едногодишниот Бојан Костадиновски беше најуспешен и го извади светиот крст во Соборниот храм „Свети Никола“ во градот.
-Успех и здравје на сите. Трет пат скокам, им посакувам здравје на сите. На сите нека им даде Господ здравје, среќа и радост, бериќет дома. Би сакал многу успеси оваа година, да има здравје па друго ќе си дојде само. Ме мотивираше да скокам за здравје и среќа и очекувам оваа година да ми биде успешна, изјави Костадиновски.