Ковачевски со барање до Џафери: Министерските места на ВМРО-ДПМНЕ да останат празни додека не одлучат да ја поддржат техничката влада

Местата во идната техничка влада предвидени за ВМРО-ДПМНЕ да останат празни се додека најголема опозициска партија не реши да ја поддржи владата. Ваков став и барање упатено на адреса на идниот технички премиер Талат Џафери денеска изнесе премиер во заминување Димитар Ковачевски. Тој ова го образложи со фактот што никаде во светот не постои пример каде партија учествува во влада, а не ја поддржува, односно не ја гласа.

-Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Ако не гласа, сметам дека тие места треба да останат празни. Новиот мандатар да предложи влада во која местата кои ѝ следуваат на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи владата, мандатарот може да предложи тие министри да бидат изгласани, кажа премиерот Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по осветувањето на водите на Вардар и положувањето на светиот крст во Скопје.

Министрите од ВМРО-ДПМНЕ, според премиерот Ковачевски, мора да присуствуваат на седниците на владата, наспроти тврдењето на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека неговите министри во техничката влада нема да присуствуваат на владини седници.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи свои кадри за техничката влада, но ќе гласаат воздржано, бидејќи не се согласуваат технички примиер да биде Талат Џафери.

Напоредно со ова, телевизија Клан Македонија, повикувајќи се на изворите во Демократската унија за интеграција, објави дека ниту пратениците на партијата на Али Ахмети нема да ги поддржат предлозите за министри во Техничката влада кои доаѓаат од ВМРО ДПМНЕ. Според телевизијата, ова доаѓа по предупредувањата на Христијан Мицкоски дека неговата партија нема да гласа првиот албански премиер Талат Џафери и целиот состав на техничката влада, на крајот на јануари.

Техничката влада треба да биде избрана 100 дена пред изборите, односно до 28 јануари.

Претходна вестПриведен црногорски државјанин поради нерегулиран престој
Следна вестСтартуваат Зимски младински игри во Гангвон, настапуваат четворица македонски спортисти