Секој ден нови цени по маркетите и секој ден истите владини ветувања

Секое влегување во маркет има нови цени на голем дел од основните продукти. Вака реагираат граѓаните во Македонија деновиве. Како да почна нов бран на поскапувања по продавниците во земјава. Може ли ова власта некако да го превенира, ублажи?

Низ продавниците по Скопје едно јајце почна да се продава и по повеќе од 10 денари во ситуација кога просечна цена претходно беше 6,5 денари. На маслото за јадење веќе не му се знае постојаната цена. По поскапувањето од 86 на 100 денари сега продажната цена стасува и до 130, до 140 денари, зависно од продавницата. И тоа под услов да се најде на тезгите бидејќи гласините дека ќе поскапува уште повеќе си ги прават своето. Продавачите речиси секојдневно ги коригираат цените и на другите производи кои се покачуваат за 10, 15, 20… проценти. Веќе сега се навестува дека цената на месо ќе тргне кон височините.

Граѓаните во маркетите веќе влегуваат со став од тоа што ќе видат како цена.

-Веќе не знам што да очекувам кога ќе се доближувам до тезгите со масло, со брашно, млеко, леб… Покачувањата веќе стануваат неподносливи бидејќи се работи за намирници кои ни се секојдневно потребни, вели Мира П. од скопски Карпош.

Сојузот на синдикатите деновиве објави дека за цели 1.000 денари во рок од три месеци,односно, од почетокот на годинава, е зголемена вредноста на потрошувачката кошничка. Таа сега, во март, изнесувала 36.768 денари и е за цели 3.000 денари поскапа од истиот период лани.

Деновиве се дозна дека соседна Србија нема да дозволи извоз на сирово сончогледово масло за производителите во Македонија. Тоа значи дека нашите производители сега ќе го бараат во други земји и по кој знае колку високи цени.

Сето ова бара и соодветна реакција на нашите надлежни органи. Тоа води и кон прашањето дали во овој период се прави доволно за да се заштити стандардот на граѓаните? Владата соопштува дека презема низа мерки со цел да им се помогне на граѓаните, какви што се зголемување на минимална плата, исплата на по 1.000 денари на пензионерите и на ранливите категории на граѓаните. 

Многу министри и разни директори имаме кои се врткаат околу економијата, социјалата… Што прават сега тие? Што правеле пред кризата да се случи, ја предвиделе ли, ги полнеле ли резервите, имаат ли планови…?

Ситуацијата е сериозна, секој ден има нови цени во маркетите, зарем треба секој ден само ги слушаме истите владини ветувања?

 

Претходна вестИ тоа се случува: Без вода денеска Кабинетот на претседатеот на државата
Следна вестРусија ги затвори канцелариите на меѓународните организации за човекови права