Секој трети адолесцент е депресивен, повеќе од половина имаат потреба од услуги за ментално здравје

Загрижува фактот што секој трети адолесцент вклучен во истражувањето, изјавил дека има симптоми на депресија, а четириесет и два отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност, беше потенцирано на вчершаната конференција  „Менталното здравје ги засега сите“, на која беа претставени резултатите од спроведените истражувања во однос на менталното здравје. Претставникот на УНИЦЕФ ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, вклучувајќи и главните наоди од двете истражувања што беа спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија во текот на третата година од пандемијата со Ковид-19 во средината на 2022 година.

-Повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, сепак не побарале такви услуги. Кај девојчињата постои шестпати поголема веројатност за симптоми на депресија во споредба со момчињата, се наведува во резултатите од истражувањата.

На конференцијата беше истакнато дека за време на пандемијата од ковид-19, адолесцентите се соочиле со драматичен прекин на нивните вообичаени дневни рутини и со поголеми предизвици во однос на менталното здравје во споредба со возрасните. Студиите потврдија дека долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, имаа големо влијание врз менталното здравје на адолесцентите. Како последица на тоа, се зголемило и нивното чувство на депресија и анксиозност.

 

 

 

Претходна вестПочнува Саемот на книга, се очекуваат над 30 илјади посетители
Следна вестКонтролорка на ЈСП нападната со нож во „23-ка“