Шести ден: Наместо попишување, се исправаат техничките проблеми во апликацијата

Пописните активности на терен течат, не се прекинати, но се со намален интензитет, соопштија денеска од Државниот завод за статистика.

Објаснувањето е дека се прави техничкото усогласување кое треба да се заврши во најкус можен рок и пописот да продолжи со истиот интензитет како првите денови.

Од ДЗС не кажуваат што значи таа намалена динамика, ниту за какви технички согласувања се работи. Само додаваат дека исто така се работи и на надминување на помалите технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови.

За ова објаснуваат дека се „технички интервенции кои се вршат во софтверот за пописната апликација“ за да се отстранат пречките кои доведуваа до успорување на пописната апликација.

Исто така, од ДЗС велат дека во последниве денови, веб-страниците на Државниот завод за статистика се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни поради заштитите што се користат за спречување на овие напади и уверуваат дека податоците се безбедни.

Денеска е шестиот ден од пописот кој започна во неделата на 5 септември и ќе трае до 30 овој месец. На вториот ден се појавија технички проблеми, кои доведоа до недоразбирање на релација ДЗС-Македонски телеком, откако директорот Апостол Симовски рече дека проблемот е во лошата интернет-конекција., но подоцна се извини за изјавата.

Следниот ден Симовски рече дека апликацијата се апдејтира и системот се рестартира за да нема вакви проблеми.

И вчера пописот не се спроведуваше поради технички интервенции.

 

Претходна вестЕксперти од германската федерална криминалистика ќе работат на истрагата за пожарот во Тетово
Следна вестВМРО-ДПМНЕ објави уште 8 кандидати за градоначалници: Муцунски во Аеродром, Коњановски во Битола