Барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала за потребите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, упати денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Барањето до Државната комисија за спречување на корупцијата е испратено по сомнежите за законитоста во набавката кои преку Фејсбук вчера ги објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала, наведе во денешното соопштение градоначалникот Шилегов.
Тој потсети дека ова е прв пат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од 5 ката, нешто што досега беше невозможно поради немање соодветна опрема.
-Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше 6 месеци и чија вредност изнесување 1,7 милиони евра со ДДВ, напиша Шилегов.