Османи растрчан и Пендаровски мрдна до Брисел, а дали Заев е во некаква изолација?  

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, прави најголема километрежа со посети во странство. Лобира за Македонија.  И претседателот Стево Пендаровски неодамна беше во посета на Брисел, да лобира…

Само премиерот Зоран Заев никако во последно време да ја премине македонската граница. Зошто е така? Дали другите двајца се доволни или пак Заев е во некаква изолација?  

Претседателот Пендаровски минатата недела оствари работна посета на Брисел, и практично за прв пат беше во седиштето на НАТО во својство претседател на Македонија. Тој во Брисел се сретна со челниците на ЕУ и на НАТО.  

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак деновиве е растрчан по Европа за да лобира почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни. Иако, шансите за такво нешто во моментов се мали, сепак, Османи за тоа разговарашпе во Берлин, а денес е и во Данска.  

Во Берлин се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.  

– Главниот фокус на средбата беше ставен на заокружување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ, а во тој контекст беше дискутирано и за амбициите на регионалните иницијативи како што е Берлинскиот процес. Османи го информираше Мас и за реформите за јакнење на правната држава и борбата против корупцијата, при што беше посочено дека оваа битка ќе остане непристрасна и неселективна и ќе биде направено сѐ да се задржат и оваа година високите оценки кои континуирано, Северна Македонија ги добива од Европската комисија“, соопшти МНР.  

Што се однесува до прашањето за почеток на преговори за членство, во принцип Берлин нема против, иако во моментов од таму нема најава и за конкретен датум.  

Министерот Османи, денеска во Копенхаген ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод, а посетата на Копенхаген ќе биде искористена и за средба со претставници на дијаспората.  

Иако поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, сега вицепремиер задолжен за европските интеграции, повеќе одеше во странство додека беше на старата функција, сепак, и тој има остварено повеќе посети.  

Она што недостасува во приказната околу водењето на надворешната политика е – што се случува со премиерот Заев , кој има уставни надлежности во водењето на надворешната политика? Ако се погледне неговиот фејсбук профил ќе се забележи дека наместо посети во странство доминираат посети на трговски зони, фабрики, градови, и прошетки со мотори низ Македонија. Графата – „посети во странство“ е празна.  

Зошто? Ова прашање подолго време ја интигрира јавноста, но и политичарите и експертите.  

Поранешен дипломат коментира дека и посетите кои во моментов се остваруваат не се целисходни, зашто, како што вели тој: „Што може сега Пендаровски да каже во Брисел“?  

Според него, пак, дополнителен проблем е што Димитров и Османи повеќе наликуваат на патници кои меѓусебно се туркаат за место во полн автобус, отколку на функционери од власта кои водат синхронизирани дипломатски активности.  

На прашањето до дипломатот, кој сакаше да остане анонимен, зошто Заев е повеќе премиер за по дома, тој вели:  

-Веројатно постојат многу причини, но сметам дека е јасно оти тој повеќе не е политичар на кого можат да сметаат. Заев може да оди во Муртино, во Трескавец, да посети некоја ТИРЗ или да се среќава со вработени во пазарниот инспекторат, но за надвор тешко, вели дипломатот.  

Неодамна и опозицијата реагираше јавно дека Заев во време на пандемија само се вози низ Македонија со моторот заедно со министерот Филипче и оти нигде не отишол надвор барем да лобира помош за земјата.  

Наскоро ќе видиме што ќе избере Заев како превозно средство и дали ќе замине надвор од земјата или ќе ги полни батериите во Македонија.

Претходна вестЗа 40 проценти помал број на новозаразени од вирусот, а на починати за 21 процент
Следна вестШилегов до Антикорупциска комисија: Проверете ја набавката на противпожарната скала