Велосипедската патека до коловозот, жардињера со зеленило или дрворед и пешачката патека е новиот стандард кој ќе се применува за градските тротоари. Ова го најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната промоција на новиот тротоар на булеварот „11. Октомври“, на потегот од булеварот „Кочо Рацин“ до улицата „Стив Наумов“. Истовремено, велосипедската и пешачката патека од коловозот се одвоени со заштитни столпчиња што дополнително ја зголемува безбедноста на пешаците и велосипедистите. За пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и како таков поволен за пешачење.
– Во градот надвор од автомобилскиот, секако мора да имаме соодветна инфраструктура и на алтернативниот сообраќај, пред се на велосипедскиот и на пешачкиот. Ова е стандардот што веќе го работиме, гледате дека и центарот добива сосема нов лик и Скопје чекор по чекор станува онаков град каков што јас, меѓутоа и граѓаните на Скопје го замислуваме, а скопјани го заслужуваат, вели Шилегов.