Шилегов, Марин, Богоев… повеќе му одмагаат отколку што му помагаат на Заев за изборите

Скопските градоначалници како сидро за партискиот шеф

 Гласовите и расположението на граѓаните на Скопје најчесто се решавачки фактор за изборите во Македонија. Околу 450.000 запишани избирачи, распределени во две од шестте изборни едници, решаваат за изборот на 40 пратеници. Нема дилеми дека така ќе биде и за изборите за 15 јули. А кому скопјани ќе му ја дадат довербата, не зависи само од (не)сработеното од страна на власта на државно ниво туку и од направеното во локалата – од градоначалниците.

СДСМ ги држи речиси сите градоначалнички позиции во главниот град. Нејзините се скопскиот, но и градоначалниците на Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров и Шуто Оризари. Дали овие градоначалници ќе им бидат предност или недостаток на социјалдемократите на престојните парламентарни избори?

– Шилегов ништо посебно не направи во Скопје. Ниту еден поголем проект кој го вети не го реализира. Слично е и со мојот аеродромски градоначалник Марин. Нивното неработење ќе влијае на мојата одлука при гласањето за десетина дена, се разбира, ни потенцира аеродромката Александра.

-Гледам што прават сите претставници на една партија – и кандидати за пратеници, и градоначалници и советници, па се до тоа како раководат со градски претпријатија. Така добивам слика дали таа партија заслужува да раководи со државата и општините. А тоа најмногу зависи од тоа дали ги прават оние работи кои ни ги ветиле. Кога ни ветуваат и барата наши гласови треба и да го остварат тоа, а не да не лажат, ни вели скопјанецот Илија Атанасовски.

 Ненаправеното ќе повлече последици

А колку она што не го направиле овие градоначалници може да влијае на резултатите од гласањето се виде и на ланските претседателски избори. На нив кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски во Скопје загуби од неговата против кандидатка Гордана Силјановска за околу 700 гласови. Односно, споредено со претходните претседателски избори и локални избори од 2017 година, владеачката партија тогаш загубила цели 55.000 гласови. Тогаш актуелниот градоначалник Петре Шилегов беше избран веќе во првиот круг со 141.164 гласови, а Пендаровски лани освои само 86.604 гласа. Освен ова, власта го загуби мнозинството на гласови дури во пет скопски општини: Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Аеродром и Ѓорче Петров.

Тогаш скопјани кажуваа дека се разочарани од Шилегов оти уште не бил почнат да се гради тунелот под Кале , што ги нема ветените мостови за продолжување на Илинденска“ и „Љубљанска“, подземната крстосница кај „Мавровка“, новиот булевар „Хрватска“, кружниот тек во Сарај, поврзување на Кисела Вода и Аеродром, што не  функционира железнички прстен околу градот, што нема реконструкција на Универзална сала, Луна-паркот, гасификација на градот, чисто езеро “Треска“, уреден СРЦ „Сарај“ и бреговите на Лепенец и Серава, за две нови гимназии, зелени фасади на зградите, затворање на улицата на Кејот зад ГТЦ…

Поголемиот дел од овие работи се уште не се почнати да се прават. Останува да се види ако скопјани сега ќе реагираат преку гласачките кутии на 15 јули.

-Очигледно е дека тие не го прават она што го ветиле, посебно не го прави скопскиот градоначалник. Заради тоа сметам дека тоа многу лошо ќе им се одрази на претстојните избори. Неработењето ќе биде санкционирано од страна на граѓаните, ни вели скопјанката Јагода Максимовска.

 Разочараноста повторно ќе ги одлее гласовите

-Нашиот градоначалник не мрда со прст овие три години. Ниту градинка, ниту улици, ни кружен тек и ред други ветени проекти. Ниту еден од ветените проекти не се реализирани во Ѓорче Петров. Нормално, ненаправеното во Скопје само негативно ќе се одрази и не треба да се изненадат, вели Славица Стојковска.

На сето ова треба да се надоврзат и случаите со ДУП-овите по општините – за изградба на висококатници кај ГТЦ, за населбите Трнодол, Расадник, Маџир Маало, Хром, „Треска“… на кои се предвидоа за градба стотици згради кои дополнитлено ќе го задушат градот. Тука е и проблемот со хигиената во градот, загадениот воздух, јавниот превоз…, многу проблеми чие решавање го очекуваат граѓаните оти им беше гарантирано.

Во таква ситуација нема да биде чудо доколку се повтори приказната од претседателските избори. Неостварените ветувања пак да предизвикат одлевање на гласови од контото на владеачката партија бидејќи и тоа е начинот на кој граѓаните го искажуваат своето незадоволство. Всушност, граѓаните со своите изјави дека од политичарите бараат само реални ветувања кои ќе се остварат до крајот на мандатот постојано предупредуваа каква ќе биде нивниот став на следното гласање. Тоа оние кои ветуваа требаше да го имаат предвид.

 Сега градоначалниците се растрчани, но џабе е

Локалната власт во Скопје ќе го суредат својот партиски шеф Заев. Сега градоначалниците се растрчани, но џабе е, не работеа скоро ништо 3 години. Сега си мислат дека со ситна шминка ќе не уверат во спротивното, ни пишува Костадин – пензионер од Карпош.

 Стопени 55.000 гласови

Споредено со претходните претседателски избори и локалните избори од 2017 година, владеачката партија загубила цели 55.000 гласови. Актуелниот градоначалник Петре Шилегов беше избран веќе во првиот круг со 141.164 гласови, а Пендаровски лани во Скопје освои само 86.604 гласа. Тоа меѓу другото зборува и колку градоначалниците си ја вршеле работата.

Претходна вестСамо ќе се бројат ли фатените малолетници со марихуана?
Следна вестИ покрај многуте опомени и казни: 478 лица затекнати без маска