Што ако прекршителите на самоизолацијата немаат пари да го платат државен карантин?

Лицата кои ќе ја прекршат самоизолацијата или ќе дадат лажни податоци ќе бидат сместени во државен карантин за кој тие само треба да ги платат 14-дневните трошоци. Ова е новина која Владата ја донела на вчерашната седница во својата уредба за тоа како да се применува обврската за самоизолација на граѓаните. Целта е да се спречат досегашните појави во кои лицата одбивале да ги примат решенијата за самоизолација, давале лажни податоци во однос на лицата со кои имале контакти или излегувале од своите домови во кои требале да бидат во строга изолација.

Од новата мерка прозилегува дека на прекршителите ќе им биде определена мерка строга изолација и врз основа на решението на МВР ќе бидат сместени 14 дена во објектите определени од Владата за карантини. Како ќе функционира оваа мерка останува да се види.

Прекршители досега имало. Секојдневните контроли на полицијата покажува дека во просек, по 4-5 лица ја прекршуваат самоизолацијата и излегуваат надвор од својот дом и со тоа потенцијално ја шираат заразата. Во ред е тука да се воведе поостра контрола. Но, истовремено се наметнува и прашањето околу плаќањето на трошоците за 14-дневен државен карантин? Познато е, Владата преку јавен повик ангажираше приватни хотели и сместувачки капацитети за престој на лицата во државен карантин. Тоа ја чини државата по 10 евра дневно од човек додека трае карантинот, а додека се изолирани, граѓаните на располагање имаат апартмани и соби, три оброци и редовни здравствени прегледи.

Но. што доколку лицето кое принудно ќе треба да оди во вакви државни (хотелски) објекти нема пари да ги плати двонеделните трошоци за сместување и за храна? На кој начин државата ќе ги наплати парите од ваквите прекршители. Добро би било тоа веднаш да се знае, за во наредниот период да нема несакани ситуации. Добро е за тоа да си помислат и самите изолирани лица пред да помислат да го напуштаат домот за време на изолацијата.

Претходна вест„Налепница“ залепи награда на фестивалот во Бруклин
Следна вестНестабилното време нема да не остави и денеска и во наредниве денови