Што бидна со учебникот по Историја и општество, колку грешки има?

Не сме ја виделе верзијата пред печатење, тоа се технички грешки, Комисијата за учебници го прифатила учебникот со грешки…, сето ова деновиве се слуша околу спорниот учебник по Историја и општество, наменет за петто одделение. Авторите и рецензентите се правдаат за бројните грешки, но и „погледнуваат“ кон Министерство за образование како издавач. МОН, пак, возвраќа и укажува дека одговорни се и тие но и Национална комисија за учебниците којашто финално ги одобрува учебникот. И така во круг… Времето поминува, учебникот ги „учи“ децата.

А најважни се учениците и фактот дека мора итно да се реши проблемот. Учебник преполн со грешки не е за во ученичките ранци.

Веќе нема време за префрлање пинг-понг одговорност за направените грешки туку да се види што да се прави со еден ваков учебник. Министерот за образование Јетон Шаќири неодамна објасни дека овој учебник, но и некои други кои се сега новообјавени, ќе одат на темелна ревизија.

– Ако Педагошката служба констатира дека во учебниците нема повеќе од 30 отсто грешки, тогаш ќе се најде начин да се коригираат грешките кои се веќе дел од испечатените учебници. Ако, пак, тие содржат повеќе од 30 проценти грешки учебниците ќе бидат повлечени, најави Шаќири, кој објасни дека решение ќе се знае до второто училишно полугодие.

И? Што до сега констатира споменатата служба?

На праг е зимскиот распуст чии двесетина дена брзо ќе поминат. До тогаш не само што треба да се утврдат сите грешки туку треба и да се определи начинот тие ќе се премавнат.

Ќе се коригираат – на самите часови по Историја или со измени на страници од учебникот? Што и да се избеде ќе значи проблем за учениците. Часовите ќе се претворат во објаснувањата на грешките, а прашање е како може да се изменат страниците во учебникот. Оттаму, се чини, дека најбрзо и најефикасно решение е учебникот целосно да се повлече за да што побрзо почне подготовка на новиот во кој ќе нема грешки. Учениците и наставниците и досега се снаоѓаа со учењето и предавањето на овој предмет па ќе можат да издржат и натаму, се додека не се објави учебник со добра содржина. Тогаш и ќе нема потреба да се слушат правдањата и префрлањата на одговорноста од едни на други.

 

Претходна вестЛажна дојава за поставена бомба во училиште во Охрид
Следна вестЛондон „светска престолнина за развод“, разведените жени добиваат стотици милиони долари