Јавно се опоменуваше минатиов период дека премногу се употребуваат антибиотици. Опоменуваат доктори зналци. Ама пак на пациентите заболени од Ковид 19 им се препишуваат најсилните антибиотици и тоа во дупли дози.
За оваа неразумност пред десетина дена седна и напиша и опомена микробиологот Никола Пановски откако го обзнани случајот на матичен лекар кој на пациент кој не бил во тешка состојба му пропишал лекови како сумамед, панцеф, моксирал, клексан, фамотидин, новалгетол, урбасон… Пановски напиша дека тоа не може да го издржи и атлетски силен човек.
И извлекоа ли поука во министерството за здравство или пак матичните лекари? Според она што се гледа на терен не се извлечени поуките. Некои матични лекари уште пишуваат рецепти за Сумамед и други силни антибиотици без оглед дали тоа го бара здравствената состојба на инфицираното лице и тоа во дупли дози.
-Татко ми се инфицира деновиве со корона вирусот но е без потешки симптоми. Се јавивме кај матичен лекар и тој веднаш му препиша антибиотик Сумамед. Сега сме во дилема дали да го пие или не? Едни доктори кажуваат по медиумите дека не треба да го пијат оти може да го ослабе организмот, матичните го пропишуваат. Ние ли како граѓани да решаваме како треба да се лекуваме?, ни го раскажува своето искуство граѓанин која сакаше да остане анонимен.
Професорот Пановски пак опомена, пак објасни дека требаат прецизни протоколи. Проблемот се сведува на тоа што матичните лекари едноставно немаат прецизни упатства како да постапуваат со пациентите со корона вирусот. Односно, немаат соодветен Протокол со кој би знаеле како да постапуваат во одредени случаеви. Министерот за здравство Венко Филипче деновиве се обие да објасни дека не може со еден протокол да се предвиди се бидејќи секој пациент е различен случај и бара употреба на различни лекови и дози. Но дали е така дури во соседните држави?
И така се отвора прашањето според кој начин на лекување матичните лекари веднаш се решаваат да пропишат антибиотик. Дури, како што вели микробиологот Пановски, во дози кои се посилни од оние кои се предвидени во упатството за употребата на самиот антибиотоик и што секој лекар би требало да го знае!? Значи, очигледно, е потребно нешто да се прави кога е во прашање постапувањето на матичните лекари. Ако не може се да се предвиди со еден Протокол тогаш множно ли е на матичните лекари да им се упатат јасни инструкции за тоа како и во кои ситуации може да се препишат антибиотици од типот на Сумамед и другите?
Министерот Филипче наместо да тера изборна кампања за штипскиот градоначалник нека ги свика матичните, нека направи он-лајн конференција, па нека се разберат. Вака како е сега, воопшто не е добро за пациентите. Ако се прецизираат тие ситуации преку протоколот или преку јавни советувања, инструкации, сигурно ќе се одбегнат ситуации во кои пациентите масовно непотребно ќе земат антибиотици, ќе ги слабеат организмите и не ќе можат да му се спротивстават на корона вирусот. Досегашната пракса е веќе неприфатлива и носи само се поголем број на починати лица.