Што научија денеска растрчаните Заев, Царовска и Пендаровски во школите и факултетите?

Конечно почна школската година во Македонија. Учениците се поделија. Дел во училишни клупи, многу поголем дел приклучен на онлајн настава од дома и мал дел на протести. Тоа е амбиентот во кој за околу 270.000 ученици и средношколци и повеќе илјади студенти во земјава започна новата учебна 2020/2021 година.

Растрчани беа и политичарите. Денеска многу повеќе откако претходно кога требаше да се подготви школската година, која да потсетиме доцни еден месец. На првиот училишен ден во скопски Карпош пред учениците и ТВ камерите се појави владиниот врв претставен од премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска.

 Ќе направиме сè во рамки на нашите можности, способности и капацитети како држава, да не оставиме ниту едно дете кое нема да почне школската година. Верувам дека ќе успееме, пред се со буџетот на институциите, но и со солидарноста на компаниите – државни и приватни, рече Заев.

Царовска, пак, соопшти дека во најголем дел од училиштата во државата е почната онлајн-наставата, а некои училишта се доопремуваат со техничка опрема.

–Ќе имаме многу предизвици, оваа година ќе биде поразлична и треба да бидеме флексибилни, рече Царовска,

Меѓу студентите на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ се појави шефот на државата Стево Пендаровски.

Споделувајте и комуницирајте. Кога тоа не може да го правите со физичко присуство, користете ги новите технологии, им порача тој на студентите.

И така… високите функционери беа денеска во школите, а дали научија што им треба на учениците и училиштата ќе видиме наскоро. Многу запоставени лекции чекаат да бидат прелистани и научени.

Инаку, наставата не започна во неколку средини. Струшките средношколци од албанска етничка заедница двете средни училишта Нико Нестор и Ибраим Темо“ протестираа по градот и бараа настава со физичко присуство. Протести на неколку стотици средношколци имаше и во Тетово кои, исто така, бараа физичка настава. Таква настава се бараше и во Македонска Каменица на протестот на родителите на учениците од четврто до девето одделение, а протестира и група средношколци од кумановската гиманзија „Сами Фрашери“. Советот на родители и наставници во основното училиште „Лиман Каба“ во Љуботен најавија дека утре ќе ги испратат сите деца на училиште, и покрај тоа што Министерството не даде дозвола за настава со физичко присуство.

Добро е што на другите места низ Македонија работите се одвиваа во рамките на очекуваното. Околу 19.000 првачиња и учениците во второ и трето оддление во основното образование наставата ја започнаа во училиштните згради со запазување на превентивни мерки. Ним им се мереше тепература, носеа маски, се запазуваше дистанца. Останатите ученици-основни во погорни одделенија во најголема мерка наставата ја следеа онлајн, исто како и илјадници средношколци. За разлика од изминативе денови денеска имаше помали проблеми при поврзувањето на учениците со Платформата. За ова, веројатно, помогна и фактот што учениците и наставниците се поврзуваа во различни временски периоди со што се одбегна преоптоварувањето на мрежата и блокади. За постарите ученици во дел од училиштата имаше и настава со физичко присуство која претходно беше одобрена од надлежната владина комисија која проценила дека се запазени превентивните мерки.

Претходна вестВо скопско: Малолетник пукал со пиштол во куче и ранил малолетник
Следна вестСе обиделе да украдат метална конструкција од живинарска фарма