Загадувањето во Скопје не е решено и нема да се реши во догледно време. Надлежните не се доволно едуцирани нити пак ангажирани за решение на проблемот со загадувањето, смета скопјанката Силвана Костиќ
Градската управа и државните власти не можеа целото ова време 10 мерни инструменти да набават, а вие очекувате дека ќе се борат со загадувањето. Не. Тие прават шминка, даваат некакви субвенции за оџаци и клими, ама најважното, нов градски превоз, гасификација и лов на загадувачите – нема, вели Ангела од Карпош
Облаците се почесто се над скопското небо. Прва асоцијација е дожд, ама не многу позади е и загадениот воздух. На скопјани веќе им се крева коса на глава од помислата дека Скопје минатите зими често беше светски првак во загаден воздух. А ако на тоа се додаде дека на врат ни виси и короната, грипoви…
Министерот за здравство Венко Филипче деновиве предупреди потенцирајќи дека загадениот воздух може да предизвика ширење на Ковид – 19.
-Штетните ПМ честички се можни преносители на корона вирусот и затоа размислуваме да препорачаме секој да носи маска на отворено кога воздухот ќе биде загаден повеќе од дозволеното, рече министерот.
А, скопјани пак очекуваа од министрите борба, а не изјави, за да не се дојде до ситуација воздухот да биде премногу загаден. Ладното време, магли, смог, чад од домаќинства, издувни гасови од автомобили, градежна прашина… наскоро ќе предизвикаат нагло зголемување на концентрациите на опасните ПМ10 и ПМ2,5 честички. Единствена шанса да ги нема овие отровни честички е да се отстранат факторите кои ги предизвикуваат. Надлежните секоја година ветуваат, но…
Загадувањето продолжува
– Загадувањето воопшто не е решено. Живеам во Аеродром и од 40-катниците гледам како нaвечер и рано наутро чадат фабричките капацитети. Чадот оди и од земја, нашироко, не од оџаците. Како да се пали отпад, за профит на некои криминалци се убиваат луѓе, а сите се апатични кон ваквите труења, ни вели Борка Печеновиќ од оваа скопска општина.
Палењето на електронски и друг отпад по диви депонии е само еден од изворите на загадувањето. Комунални инспектори никако во корен да ги сосечат сторителите кои ги препродаваат добиените метали. Ќе фата еден-двајца и толку. А палежите продолжуваат. Исто како што продолжуваат палежите на отворено. Годинава до сега ги имало 49, лани – 162, преклани 251… Многу, но малку од нивните предизвикувачи се фатени.
Нема многу ниту казнети градилишта заради создавањето на градежната прашина. А што е поболно, не започна ниту гасификацијата на општините иако градоначалниците ветуваат дека гасот ќе стаса до секој дом и со што ќе се намали загадувањето.
– Загадувањето во Скопје не е решено и нема да се реши во догледно време. Надлежните не се доволно едуцирани нити пак ангажирани за решение на проблемот со загадувањето. Централното градско подрачје треба да се забрани за возила, а градскиот сообраќај треба да е еколошки. Треба да продолжи набавката на нови автобуси. А за гасификацијата требаше прво да се направат пресметки дали ќе им биде исплатлива и сигурна на домаќинствата, ни вели Силвана Костиќ, жителка на Ѓорче Петров во кој таа веќе почнала да чуствува миризба на чад.
Триесетина нови автобуси на гас кои со кредит ги набавија градските власти не се доволни за големо намалување на загаденоста од овој извор. Градските татковци најавуваа и воведување на нов вид на превоз – „брз автобуски превоз“ – но околу тоа сега не се зборува. Со оглед дека ќе биде потребено задолжување од околу 100 милиони евра прашање е дали ќе има пари за тоа.
-Власта не направи ништо посебно да се намали загаднеоста и јас сум сигурен дека тоа и зимава ќе се повтори. Инаку, добро би било да се воведе трамвај или слично, барем да се гасифицираат фабриките и другите големи индустриски загадувачи, ни вели скопјанецот Александар Ѓурчинов.
Планот за чист воздух не се оствари, ќе има ли нов?
-Градската управа и државните власти не можеа целото ова време 10 мерни инструменти да набават, а вие очекувате дека ќе се борат со загадувањето. Не. Тие прават шминка, даваат некакви субвенции за оџаци и клими, ама најважното, нов градски превоз, гасификација и лов на загадувачите – нема, вели Ангела од Карпош.
Деновиве се покажа и дека станиците за мерење на загадноста на воздухот не се целосно исправени. Мерниот инструмент за мерење на РМ10/ПМ2.5 од мобилната мерна станица во Ѓорче Петров и мерниот инструмент за РМ10 од станицата во Карпош се исклучени поради технички проблем. Инструмент за ПМ10 честички во Миладоновци е дотраен и несигурен, а оној за мерење на СО од мерната станица Ректорат е исклучен поради технички проблем. За мерните инструменти за мерење на О3, ЦО, СО2 и НО-НО2-НО од мерните станици Карпош и Центар кои не се во функцијанема ниту резервни делови… Надлежните пак со најава дека проблемите ќе се средат до крајот на годината, но такви ветувања имаше и лани, преклани…
-Не е доволно инспекторите да прочитаат во документацијата дека некоја фабрика поставила филтри. Треба да се проверува дали се сменети, дали се чисти. Додека се чека гасификација и други проекти најважно е да се спроведуваат прописите кои веќе постојат. Не верувам дека состојбата со загадувањето ќе биде подобра и ќе имаме тешка зима. Заради корона виорусот ќе ни треба проветрување а ќе дојде наредба заради загадувањето да не се отвораат прозорците, ни вели Љубица Гурева.
Пред две години властите донесоа голем План за чист воздух. Со него се предвидуваше до 2020 година загаденоста на воздухот во Скопје да се намали за 50 проценти, се најавуваше дека 20.000 домаќинства ќе ги заменат нееколошките печки по домовите, 20.000 домаќинства ќе набават инвертер уреди за затоплување, 10.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства да се приклучат на гас, 2.000 социјални семејства да добијат субвенции за да го сменат начинот на греење, 10,000 домаќинства да се приклучат на системот за парно греење, воведување на еколошки налепници за возилата, дислоцирање на диви населби од двете страни на Вардар, зајакнати контроли по индустриски капацитети и градилишта… Колку од ова е реалзирано нека заклучи секој сам.
-Основно е да прави и презема се што е еколошки понапредно, со приоритети и потреби. Но, и веднаш да се преземаат санкции, и тоа без пардон. Ни треба и ревизија на урбанистичко живеење, максимално озеленување и на старите и на новите површини, како и многу други работи, ни рече скопјанецот Лазар Глигоровски.
Очигледно, потребен за претстојниот период ќе биде и нов план. Но, план кој ќе се реализира а не само да се донесе, најави, одржи прес-конференција и толку.
Меѓу најзагадените градови во светот
И во текот на изминатава зима, како и во претходните, Скопје неколку пати беше најзагаден град во светот или на листата меѓу десетте најзагадени што ја објавува релевантниот сајт „Аир вижуал“. Податоците на мерните станици покажувале дека загаденоста е најчесто за три-четири-пет пати повисока од максимално дозволените 50 микрограни на еден кубен метар воздух. Загадувањата најчесто биле констатирани на мерните станици во Лисиче, Центар, Ректорат, Гази Баба…