Што власта во Македонија прави околу демолираниот македонски клуб во Бугарија?

И по неколку дена се уште не се знае кој го извршил демолирањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија. Бугарската полиција спроведува истрага, но не се знае дали има осомничени и дали постојат одредени индиции за тоа кој би можел да биде сторител.

Организацијата на Македонците во Бугарија веќе побара да биде испрашан Виктор Стојанов, еден од главните организатори на провокациите против Македонците и кој во тој период бил во Благоевград. Но, дали тоа и ќе се случи, останува да се види.

Останува да се види и како на овој напад ќе реагира македонскиот државен врв. Засега, и по неколкуте поминати денови, се знае само дека шефот на државата Стево Пендаровски преку Фејсбук чинот го оцени како вандалски и побара што побрзо откривање на сторителите. И премиерот Димитар Ковачевски, исто така преку Фејсбук, најостро го осуди вандалскиот чин на каменување на Македонскиот клуб. Вчера и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски побарал од својот бугарски колега Иван Демерџиев детална истрага за каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград.

Дали е тоа се што ќе се стори? Реакции преку Фејсбук се доволни? Поконкретни реакции до институциите во Бугарија и во ЕУ ќе има?

Од МНР велат дека нема да испратат протесна нота за демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград
 
-Време е да ставиме црта на пинг-понг дискусијата со Бугарија, одговори Бујар Османи на новинарско прашање дали македонското МНР ќе испрати протесна нота по демолирањето на клубот.

За потсетување, кога се случија инциденти и оштетувањата на бугарските клубови во Битола и во Охрид Министерство за надворешни работи од Софија упатуваше веднаш остри реакции со најостра осуда и квалификации дека се работи за чин на „омраза“. Настојчиво бара од Македонија истраги, казни и заштита на лицата со бугарска самосвест. По тепањето на македонски граѓанин со бугарско самочуство во Охрид пратија и авион за да му помогнат, а во Брисел пуштаа силни аларми против Македонија.    

Напади брз македонски клубови и организации во Бугарија се случуваат во континуитет во последниве години. За тоа сведочат Македонците од оваа соседна земја.

 

Претходна вестМЗТ Скопје го доби дербито против Работнички
Следна вестКазнети 154 возачи кои возеле пребрзо низ Македонија