Шведско обвинителство: Траги од експлозив пронајдени кај оштетените гасоводи „Северен тек“

Пронајдени се траги од експлозив на местата на оштетените гасоводи од „Северен тек“, што потврдува дека била извршена саботажа, изјави шведскиот обвинител Матс Јангквист.

Шведските и данските власти истражуваат четири оштетувања на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото море за испорака на руски гас.

Данска минатиот месец соопшти дека прелиминарната истрага покажала дека протекувањето било предизвикано од силни експлозии.

Истекувањата на гас од „Северен тек“ биле предизвикани од силни експлозии, соопшти копенхашката полиција

-Анализата што е сега направена покажува траги од експлозив на неколку од предметите што беа пронајдени, се наведува во соопштението на шведското обвинителство, пренесуваат медиумите.

Оттаму додаде дека станува збор за многу сложена и сеопфатна истрага.

-Тековната истрага ќе утврди дали може да се идентификуваат некои осомничени, навеле од обвинителството одбивајќи да дадат дополнителни коментари.

Експлозиите што го потресоа Балтичкото Море и во кои беа оштетени цевководите Северен тек 1 и 2 се случија кон крајот на септември. Цевководите од беа оштетени на четири места, две во шведските и две во данските води.

Уште на почетокот на октомври шведската безбедносна агенција соопшти дека нејзината прелиминарна истрага за истекувањето гас од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море ги „засилила сомнежите дека станува збор за сериозна саботажа“ како причина за истекувањето.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Афера Паразити – над 2 милиони евра тежат хонорарите и платите за само 11 функционери
Следна вестСиндикалци негодуваат: Главно во новиот Закон за високо образование е како да се зголемат мандатите на ректорите и деканите